ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ ВО ПОЛИЦИЈА СИТЕ СОБИРИ КАДЕ БИЛО ВО ДРЖАВАТА, АПЕЛИРАШЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ И ПОБАРА ОД МЛАДИТЕ ДА СЕДАТ ДОМА

    ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ ВО ПОЛИЦИЈА СИТЕ СОБИРИ КАДЕ БИЛО ВО ДРЖАВАТА, АПЕЛИРАШЕ ПРЕМИЕРОТ СПАСОВСКИ И ПОБАРА ОД МЛАДИТЕ ДА СЕДАТ ДОМАПолицијата делува превентивно по јавните површини, но не можат да стигнат секаде, вели премиерот Оливер Спасовски. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Оливер Спасовски побара од граѓаните да ѝ помогнат на полицијата и да ги пријавуваат сите собири на поголеми групи каде било во државата, бидејќи, како што кажа тој, припадниците на МВР не можат да стигнат секаде.

    „Првиот ден имавме голема група млади луѓе кои се собраа на Водно. Тоа е исто како да се собрале во диско клубови. Сега имаме собири кои ни се случуваат по паркови и во згради. Ги задолживме припадниците на Министерството за внатрешни работи преку патролната служба да делуваат превентивно. Тоа се прави успешно на јавните површини, но не може да стигнат секаде. Затоа, апелирам до граѓаните да го пријават во МВР секое собирање на поголема група луѓе, било каде во државата за да може да се реагира, дури и јавно да им се укаже на тие што се собираат дека на тој начин го ризикуваат сопствениот живот, но и животот на сите нас“, кажа Спасовски, одговарајќи на прашања од социјалните мрежи, во видео во живо на Фејсбук страницата на СДСМ.

    Тој побара посебно од младите да седат дома додека траат мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.

    „Апелирам до сите, посебно до младите, не треба тој жар, таа енергија да ја употребуваат на таков начин. Има многу креативни начини ако останете дома како и на кој начин да го поминете времето, дури и да направите нешто корисно за државата и општеството во овие моменти“, вели Спасовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира