НИВОТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е НАЈНИСКО ОД 1917 ГОДИНА, ОД КОГА СЕ МЕРИ ВОДОСТОЈОТ, „ОХРИД СОС“ БАРА ПРОГЛАСУВАЊЕ КРИЗНА СОСТОЈБА

    НИВОТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е НАЈНИСКО ОД 1917 ГОДИНА, ОД КОГА СЕ МЕРИ ВОДОСТОЈОТ, „ОХРИД СОС“ БАРА ПРОГЛАСУВАЊЕ КРИЗНА СОСТОЈБА„Охрид СОС“ бара најитно формирање на научно-техничка комисија за спас на Преспанското Езеро и покрена петиција (Фото: СДК.МК)

    Црвените линии за Преспанското Езеро се одамна пречекорени и неопходно е итно и неодложно да се прогласи кризна состојба на целото подрачје на сливот на езерото, стои во барањето на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, поддржана од дваесетина други невладини организации. Барањето на социјалните мрежи е проследено со петиција до граѓаните за поддршка на иницијативата.

    „Охрид СОС“ бара најитно формирање на научно-техничка комисија за спас на Преспанското Езеро, која ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за 10 дена од објавувањето на петицијата.

    „Владата итно да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво и да се дефинира фазен план за спас на езерото со јасно утврдени рокови. Информациите за планот и сите преземени активности седмично да се ажурираат на веб-страницата на Министерството за животна средина и да бидат лесно достапни за јавноста. Не смеат заштитата и напорите за унапредување на состојбата на Преспанско Езеро да останат на хартија, како што е практика во Македонија“, пишува во иницијативата.

    Преспанското Езеро е заштитено како Споменик на природата, а северниот крајбрежен дел Езерани прогласен за Парк на природата. Ова езеро се наоѓа на листата на најважни орнитолошки локалитети во Европа и најважни водни живеалишта во светот и е прогласено за Рамсарско подрачје. Во 2014 година УНЕСКО го погласи Охридско-Преспанскиот Регион за Прекуграничен биосферен резерват. Преспанското Езеро е дел од Национален парк Преспа во Албанија и Преспа Парк, формиран со заедничка Декларација на премиерите на Македонија, Грција и Албанија во 2000 година.

    „Нивото на Преспанско Езеро сега е најниско откако се вршат мерења од 1917 година, што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 година), состојбата ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25%) доаѓа директно од Преспанското“, пишува во соопштението.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира