Претседателот на Собранието Талат Џафери се пријави за збор процедурално, откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска го нарече „предавник“ пратеникот од мнозинството Зеќир Рамчиловиќ. Двајцатa се сограѓани од скопската општина Петровец и си разменија неколку реплики и контрареплики пред да реагира Џафери.
„Редно е некој да реагира процедурално, еве јас ќе реагирам. Далеку ќе одиме вака енглески. Како поискусен, можеби по мандати, мислам дека со време ќе ви помине и оваа фаза на вокабулар. Затоа очекував некој да укаже, но не треба бидејќи јас ќе реагирам процедурално“, кажа Џафери.
Одговарајќи на дофрлувања дека народот ја знае вистината, спикерот рече: „Вистината си ја знае народот. Упорно ви ја укажува, ама очигледно не го разбирате и затоа така ќе продолжиме“.
Коментарот на Џафери за „енглески“ начин на собраниска расправа доаѓа откако претходно на расправата за избор на нова влада, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев удираше по говорницата, за што беше опоменат од Џафери, а потоа пратеникот на Левица Димитар Апасиев рече дека такво однесување има и во британскиот парламент.
Расправата за предложената влада од мандатарот Зоран Заев треба да трае најдоцна до полноќ, по што следува гласање.