Денеска во Македонија се одржува вториот круг од локалните избори, во кој граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат 1.013.375 избирачи, од кои 474.304 се во Скопје.
Во вториот круг се гласа во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Долнени, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.
Во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош ќе се гласа со две ливчиња, едно за градоначалник на општината и едно за градоначалник на Град Скопје. Во Шуто Оризари, пак, на три избирачки места ќе има и прегласување за членови на советот.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот. Идентификацијата на гласачите се врши со лична карта или пасош, како и со уреди за биометриска идентификација. Гласањето може да биде продолжено доколку има прекин подолг од еден час, но не повеќе од три часа.
Во првиот изборен круг, одржан на 19 октомври, беа избрани 44 градоначалници. Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, пак, изборот за градоначалник не успеа поради недоволна излезност, па таму изборната постапка ќе се повтори во рок од 60 дена по завршувањето на изборите.



