ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА НА 11 ГОДИНИ ОД РЕТКАТА БОЛЕСТ ВИЛСОН НЀ ПОТТИКНА ДА ЈА ПРАВИМЕ ТРКАТА „ПОДАЈ РАКА“, ВЕЛИ АЊА БОСИЛКОВА-АНТОВСКА ОД „ВИЛСОН МАКЕДОНИЈА“

    ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА НА 11 ГОДИНИ ОД РЕТКАТА БОЛЕСТ ВИЛСОН НЀ ПОТТИКНА ДА ЈА ПРАВИМЕ ТРКАТА „ПОДАЈ РАКА“, ВЕЛИ АЊА БОСИЛКОВА-АНТОВСКА ОД „ВИЛСОН МАКЕДОНИЈА“Од ланската трка „Подај рака за лицата со Вилсон“ (Фото: Фејсбук)

    Утре (29 септември) од 11 часот, на сцената „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи деветтата хуманитарна трка „Подај рака за лицата со Вилсон“.

    „Ме прави среќна што трае овој хуманитарен настан, што го правиме за поткревање на свеста за Вилсоновата болест. Мило ми е што можеме да помогнеме и да направиме вистинска промена во нечиј живот“, вели Ања Босилкова-Антовска, заменичка-претседателка на „Вилсон Македонија“.

    Целта на оваа акција е да се подигне свеста на јавноста за Вилсоновата болест, да се поттикне социјална вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа ретка болест и да се поттикнат што повеќе луѓе на рекреација. Традиционално, ќе де одржат три трки: штафетна, детска и трка за миленици.

    „Ништо од ова немаше да се случи да не беше едно дете кое никогаш не го запознав, а ја загуби битката со оваа болест пред точно 10 години на овој ден, на само 11 години. Дете за кое имам слушано толку убави работи, Дамјан Димиќ. Неговата приказна нѐ освести дека иако Вилсон може и успешно да се контролира со континуирана терапија и редовни контроли, исто така може и за миг да земе нечиј живот. Ретките болести се непредвидливи и подмолни. За жал, никогаш не го запознав Дамјан. Но, затоа го запознав неговото семејство, Маја и Тони, ретко прекрасни луѓе, кои денес ми се едни од најблиските. Да не беше Дамјан, немаше да постои ‘Вилсон Македонија‘“, вели Босилкова-Антовска, која и самата се бори со оваа ретка болест.

    Босилкова-Антовска, која е мајка на две деца, вели дека дијагнозата за Вилсоновата болест ја добила пред околу 16 години, три-четири месеци по појавувањето на првиот видлив симптом.

    „На мои 20 години, дотогаш здрава, активна, млада девојка, ми беше дијагностицирана цироза. Имав и отоци на нозете и стомакот, кои не се повлекуваа и покрај терапијата, но проблемот беше токму во наоѓањето на точната терапија за точната дијагноза. По многу тестови во сите можни клиники во Скопје и исклучувањето на сите познати дијагнози, докторите на гастро се посомневаа во Вилсон и решија да ме пратат во Виена бидејќи во тоа време тестовите за Вилсон не можеа да се прават кај нас. Со веќе суспектна дијагноза и со достапни дијагностички методи, во Виена ја потврдија Вилсоновата болест за 48 часа“, ни рече претходно Босилкова-Антовска.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира