Првата детска амбасада во светот Меѓаши бара задолжителна хемиска кастрација за педофилите, оти праксата покажува дека во 75 отсто од случаите тие го повторуваат делото откако ќе ја одлежат затворската казна. Хемиската кастрација, која во Македонија со закон е воведена во 2014 година, сѐ уште не профункционирала во пракса
„Во моментов според законските одредби, хемиската кастрација е на доброволна база, ако на насилникот му е прво дело. Сега тој може да избере сам хемиска кастрација, ако сака да му се намали затворската казна. Кастрацијата е задолжителна само во случаите кога педофилот го повторил делото. За да нема нови деца жртви на истите насилници, бараме хемиската кастрација да биде задолжителна уште при првиот случај на педофилија“, вели Драги Змијанац, директор на Меѓаши.
Меѓаши денеска го презентираше извештајот за работата на СОС телефонот за деца и млади и Бесплатната правна служба во периодот од јануари 2016 – декември 2016, според кој, во Македонија во моментов 50 деца се потенцијални жртви на насилство. Во најголем дел, или во 27 случаи, децата се жртви во бракоразводни постапки на нивните родители. Останатите се жртви на семејно насилство.
„Децата се на возраст од 6 до 14 години. Најмногу се прекршува правото на детето за видување со еден од родителите. Децата се жртви во овие ситуации, бидејќи постојат родители, кои свесно, или несвесно, го користат своето дете како средство во меѓусебно докажување и покажување моќ на другиот родител. При тоа го занемаруваат интересот на своето дете“, вели Змијанац.
Во 10 случаи што ги регистрирала Меѓаши, децата се жртви на психичко и физичко насилство, или негрижа од сопствените родители.
„Овие деца секојдневно се изложени на омаловажување, навреди, тепање, или пак не им се задоволени егзистенцијалните потреби, како мерка за дисциплинирање и воспитување, која за жал ја користат нивните родители“, додава Змијанац.