Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле во наредните две недели ги одложи закажаните термини за испитувања алергии, бронхоскопии и други дијагностички методи, по вчерашните препораки од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, деца со мали сипаници да не се хоспитализираат на Клиниката за детски болести, туку на Клиниката за инфективни болести и во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.
Директорот на Институтот д-р Ангелчо Андоновски вели дека по вчерашните препораки од Комисијата за заразни болести одвоиле оддел за хоспитализација на деца со симптоми на мали сипаници и грип, а пациентите кои имаат закажан термин за дијагностички испитувања се известени дека термините им се одложуваат за наредните две недели.
„Ќе се примаат само итни случаи, а ќе бидеме во контакт со родителите на децата чии термини се одложени за да им кажеме кога да дојдат. Во моментов немаме дете со мали сипаници, но подготвени сме ако дојдат. Кај нас ќе се хоспитализираат полесните случаи, а оние деца на кои ќе им биде потребно да примаат терапија преку респиратор ќе ги препраќаме на Клиниката за инфективни болест“, вели д-р Андоновски.
Тој вели дека ги презеле сите мерки за спречување интрахоспитални инфекции и дека направиле механичко чистење на сите оддели, и ги презеле сите мерки за изолацја на деца со мали сипаници, од останатите пациенти.
„Во моментов имаме педесетина лежечки пациенти, односно скоро сме целосно пополнети. Имаме три дечиња болни од грип, и засега состојбата е мирна“, вели д-р Андоновски.
На Клиниката за инфективни болести вчера се прегледани седум пациенти со мали сипаници, од кои двајца се задржани на лекување.
„Примени се 38-годишен пациент од Кисела Вода и 2,5-годишно дете од Јурумлери. За возрасниот пациент вакциналниот статус е непознат, а детето било невакцинирано. Амбулантски се прегледани и пратени на домашно лекување пет пациенти, од кои две деца под едногодишна возраст од населбата Бутел. И двете биле невакцинирани. Меѓу пациентите кои се прегледани и пуштени на домашно лекување е 25-годишен пациент од Гостивар, за кого нема податок дали е вакциниран, како и двајца 35-годишни пациенти од Бутел. Од нив едниот бил вакциниран со една доза на морбили, а вториот не бил вакциниран“, соопшти Клиниката за инфективни болести.
На Клиниката за детски болести во моментов од сипаници се лекуваат 6 деца, од кои две се во потешка состојба. Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ, вели дека двете деца кои се на респиратор и се во потешка состојба се на возраст од 6 месеци. Таа уште еднаш препорачува родителите веднаш да ги вакцинираат децата, бидејќи друг начин на заштита нема.
„Од она што се договоривме на вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести, беше одлучено децата прво да се прегледуваат кај матичните лекари и во дежурните педијатриски пунктови, а по потреба лекарот да ги препрати или во Институтот во козле или на Инфективна клиника. Потешките случаи, односно деца на возраст од една до две години на кои им е потребно да бидат на респиратор, ако има потреба од Инфективна клиника се префрлаат кај нас“, вели д-р Ставриќ.
Од Министерството за здравство велат дека досега се вакцинирани 6.548 деца од Скопје, а само денес до 13 часот 214 деца.
„Апелираме уште еднаш и родителите што не се вакцинирани и децата да ги вакцинираат. Вакцините се квалитетни и проверени, од реномиран европски производител“, велат од Министерството за здравство и додаваат дека педијатриските дежурни пунктови во поликлиниките “Јане Сандански’, ‘Бит Пазар’ и ‘Ѓорче Петров’ во работни денови работат од 19.30 часот до 7.30 часот, а за време на викенди 24 часа.
Е. БОЧВАРОСКА