ДЕТСКАТА КЛИНИКА Е КАЗНЕТА СО 5.200 ЕВРА ОТИ ДЕЖУРААТ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ БЕЗ ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА, А НИЕДЕН СПЕЦИЈАЛИСТ НЕ ДЕЖУРА ВО АМБУЛАНТА

    ДЕТСКАТА КЛИНИКА Е КАЗНЕТА СО 5.200 ЕВРА ОТИ ДЕЖУРААТ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ БЕЗ ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА, А НИЕДЕН СПЕЦИЈАЛИСТ НЕ ДЕЖУРА ВО АМБУЛАНТАВо ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант. (Фото: К. Попов)

    Клиниката за детски болести доби казна од 5. 200 евра од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), откако денеска извршиле инспекциски надзор и биле откриени недостатоци. Од ДСЗИ велат дека по денешниот контролен инспекциски надзор во Клиниката, по изминати рокови за постапување по наложени мерки со издадено решение, констатирано било дека не е постапено во целост по решението.

    „Од вкупно 14 доктори специјализанти кои исполнуваат услов за добивање на времена лиценца од Лекарска комора на Македонија и времени факсимили за работа, само за двајца има обезбедени времени лиценци за работа и не е поднесено барање до министер за здравство за обезбедување времени факсимили за работа на Клиниката. Во ноќна смена во дежурна амбуланта, на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори кои не исполнуваат услов постар специјализант. На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, дежураат само по тројца доктори, притоа ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат“, стои  во соопштението на ДСЗИ.

    Од установата, а во однос на издаденото решение, постапено било само во делот на внесување на личните податоци и медицинските податоци на пациентите – за извршените здравствени услуги, во интегрираниот здравствен информатички систем „Мој термин“.

    „Врз основа на наведеното, а согласно член 31 став 1 и 3 ќе биде издаден прекршочен платен налог со предлог за порамнување и тоа: на правното лице ЈЗУ УК за детски болести – Скопје со глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност и на одговорното лице во правното лице со глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице односно во износ од 1.200 евра во денарска противвредност“, додаваат од Инспекторатот.

    Доколку сторителот на прекршокот е согласен на постапката за порамнување и глобите ги плати во рок од осум дена од денот на добивање на платниот налог, како што додаваат, уплаќа половина од погоренаведените износи – 2.000 евра во денари противвредност за правното лице и 600 евра во денари противвредност за одговорното лице, а за уплатата треба да достави доказ до Инспекторот.

    „Доколку сторителот не е согласен да ја прифати постапката за порамнување или не ги плати изречените глоби, инспекторот е должен да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд“, велат од ДСЗИ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира