Девојчињата во училиштата во руралните средини немаат апсолутно никакви услови за менструална хигиена, рече Наташа Доковска од невладиното здружение Новинари за човекови права, на денешното одбележување на Меѓународниот ден за менструална хигиена. Според нивното истражување, на прашањето дали имате услови за одржување на менструалната хигиена на работа/училиште, 90 отсто од испитаниците одговориле дека немаат услови, додека 10 отсто одговориле позитивно.
Доковска денес го промовираше Фондот за намалување на менструалната сиромаштија, а првата донација е од македонската Банка за храна и Еурохуман интернешнл, и вели дека Фондот е отворен за сите компании кои сакаат да донираат средства за управување со менструалната хигиена и нивна достапност до сите.
„Истражувањето покажа дека едно повеќедетно семејство, каде повеќе деца се женски и се во репродуктивниот период, треба да потрошаат 11 до 15 отсто од месечните примања за купување на средства за менструална хигиена, што мора да признаеме дека е многу, ако работи само едниот член“, рече Доковска.
Здружението ќе побара листа од Министерството за труд и социјална политика за семејства на кои им е потребна оваа поддршка, а исто така апелираат и училштата од руралните средини да се пријават кај нив и да кажат колку пакети им се потребни. Доковска вели дека апелираат да се донесе одлука со која, од секое продадено пакетче хигиенски влошки, по 1 денар да се слева во фонд за менструална хигиена.
„Мислам дека Македонија не е толку сиромашна, да не може да обезбеди една сума на средства за менструална хигиена. Не е сиромаштјата изразена само преку гладот, ова е нов тренд на сиромаштија“, вели Душан Христов од Банката за храна.
Б. НЕСТОРОСКА