ЏОЛЕВ ГО ОБЈАВИ ПИСМОТО ЗА ЗАГРИЖЕНОСТА НА БЕЈЛИ ДЕКА СУДИИ СЕ ВАДАТ НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА ОДЛУКИТЕ

    ЏОЛЕВ ГО ОБЈАВИ ПИСМОТО ЗА ЗАГРИЖЕНОСТА НА БЕЈЛИ ДЕКА СУДИИ СЕ ВАДАТ НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА ОДЛУКИТЕ„Судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенции од некоја политичка или владина личност“, вели американскиот амбасадор Џес Бејли во писмото до претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев. - Џес Бејли; Иван Џолев (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев го објави писмото од амбасадорот на САД Џес Бејли кое му го испратил пред неколку дена поради загриженост во сè почестото вмешување на Амбасадата од страна на судии при носењето на одлуки за притвор, пресуди и слично.

    Во писмото, амбасадорот му се обраќа на Џолев со „високо ценет партнер во напорите на Амбасадата за јакнење на владеењето на правото и судската независност во Македонија“. Уште на почетокот наведува дека му се обраќа „за помош по прашање што го загрижува, а се однесува на постојани лажни гласини со наводи дека Амбасадата на САД има за цел да влијае на судии“.

    „Во изминатите седмици, на моите колеги и мене во повеќе наврати ми беше кажано дека судии, наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори, на инструкции од Американците. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината“, пишува Бејли во писмото.

    Понатаму, тој вели дека САД поддржуваат и се залагаат за независност на македонското судство: „Ние веруваме дека судиите треба да носат одлуки врз основа на важечките закони и дозволени докази, а не врз основа на какви било политички проценки или интервенции од некоја политичка или владина личност. Тоа е наша конзистентна порака, јавно и приватно“.

    Во рамки на помошта што Америка ја дава за унапредување на независноста на судството кај нас, во писмото амбасадорот потсетува дека програмите за обука и менторство беа дизајнирани токму за да ги унапредат професионалните вештини и отпорност на македонските судии, со цел тие да можат да издржат надворешен притисок и да носат независни, издржани одлуки.

    „Каква било сугестија дека САД сакаат да управуваат со некоја судска разрешница, е лажна. Длабоко сум вознемирен од ваквите постојани лажни гласини, со оглед на нашата посветеност за независно судство. Со цел да помогнете да се разобличат ваквите лажни наводи, ве молам да ја споделите содржината на ова писмо до вашите колеги судии, со цел тие да се уверат дека нашата позиција е, и ќе остане иста, а тоа е дека тие се независни во применувањето на законот и дека ништо друго освен фактите и законот, не треба да влијае на нивните одлуки“, вели во писмото Бејли, кој завршува со тоа дека останува посветен на соработката со Џолев и со другите судии во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира