Ексминистерот за труд и социјална политика Диме Спасов и оставил празна канцеларија на новата министерката Фросина Ременски тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК вработени во Министерството. Денеска на нејзиниот прв работен ден Ременски начекала канцеларија без компјутер, без телефон, принтер, а исклучен бил и интернетот.
Утрово Ременски си донела компјутер од дома. Но, без компјутери и телефони останал целиот нејзин кабинет. Кабинетот на Ременски се ладел на провев, бидејќи и далечинските од клима – уредите ги снемало по повлекувањето на Диме Спасов.
Бил изнесен и канцеларискиот материјал.
Фросина Ременски е новата министерка за труд и социјала, како дел од владата за спроведување на предвремените парламентарни избори. Таа не сакаше за САКАМДАКАЖАМ.МК да коментира ништо за тоа како го затекнала утрово Кабинетот. Рече само дека е битно Министерството да функционира во делот на потребите на граѓаните, а тоа со канцеларијата е лесно за средување.
“Битно е сега да направиме пресек што направил претходникот Спасов во изминатите три месеци за граѓаните“, рече Ременски во телефонски разговор.
Нејзините соработници велат дека нема да се набавуваат нов канцелариски материјал и нови компјутери, туку дека со помош на пописната комисија од Министерството, сите предмети и апарати, до изнесените далечински, ќе бидат вратени назад во министерскиот кабинет.