ДИРЕКТОРКАТА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ НАТАША ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА

    ДИРЕКТОРКАТА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ НАТАША ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКАИ на Академијата ѝ е потребна системска поддршка за да може нормално да работи, но не во форма на директно мешање од страна на власта и со политички мобинг, вели Габер-Дамјановска. (Фото: СДК.МК)

    Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, денеска поднесе неотповиклива оставка до Управниот одбор (УО) на Академијата.  По стопирањето на тестовите за 130 места за последната, најголема генерација на Академијата, според Габер-Дамјановска остварено преку политичко влијание и со помош на контроверзна одлука на Управниот суд, таа смета дека повеќе нешто не ја врзува за функцијата директорка.

    „Ќе нема тестирања, а јас ќе седам така? Сигурно дека нема“, рече таа за САКАМДАКАЖАМ.МК по информацијата од УО дека попладнево поднела неотповиклива оставка.

    Габер-Дамјановска, која на 9 декември 2022 беше реизбрана на функцијата со мандат од 4 години, во обраќањето до членовите на Одборот, многу јасно образложува зошто се повлекува.

    „Последното искуство по однос на крајно нестручната и манлива по многу основи постапка пред ДКСК и понатамошното постапување на Управниот и Вишиот управен суд, вклучително и реакцијата против несоборливите факти околу ненавременоста на иницијативите на ДКСК кон правосудните тела, на дело покажа дека не се манифестира правото и правдата, туку заткулисното политичко влијание. Бројни лица од правосудството неофицијално говорат дека одлуката на Управниот суд не е исправна, но гласот тешко се крева, што за мене е поразително, бидејќи судската власт мора сама да се избори за својата независна позиција во домашниот правен поредок. Јасно е дека таа нема да ѝ биде подарена“, вели професорката која беше и уставна судијка.

    „Жалам што судството преку овој предмет пропушти да се избори за својата вистинска независност, која за него е од животно значење“, обвини таа дека Управниот суд не донел своја и независна одлука по која запре процесот на тестирањето на последната, најголема генерација на кандидати за слушатели за судии и за обвинители.

    Додава и дека како секоја институција, така и на Академијата ѝ е потребна системска поддршка за да може нормално да работи.

    „Секако не во форма на директно мешање од страна на власта и со политички мобинг, бидејќи Академијата е институција која е дел од правосудството“, смета таа.

    Во обраќањето, Габер-Дамјановска ги наведува постигнатите резултати постојано фалени во извештаите на ЕУ, но и во скрининг-процесот, и вели дека си оди со гордо крената глава.

    Оставката стапува на сила веднаш, односно денеска. Сега, Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ треба да распиште оглас за избор на нов директор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира