Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска испрати соопштение до медиумите со кое забранува да се споменува нејзиното име и вели дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомне во новинарски текст. На соопштението за личниот став е ставен печат од Клиниката.
„Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, под целосна материјална, професионална и морална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во писмената изјава од д-р Симоновска.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираше дека ваквото соопштение претставува форма на јавен притисок насочен кон медиумите, како и дека ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.
„Ги потсетуваме сите носители на јавни функции дека, доколку имаат забелешки за објавени медиумски содржини, секогаш може да побараат исправка или демант. Исто така, на располагање им се и телата за саморегулација на медиумите, кои ја оценуваат етичноста и професионалноста на медиумските содржини. Оваа форма на јавни известувања е неприфатлива бидејќи создава атмосфера на заплашување и недоверба, што е спротивно на демократските вредности и јавниот интерес“, вели ЗНМ.
Изминатиот период имаше препукување помеѓу директорката и Лекарскиот колегиум на Клиниката „Козле“, кои преку протестно писмо побараа итна оставка од д-р Симоновска, поради нејзината одлука да ја разреши д-р Веселинка Митровска-Јосифовска. Според Колегиумот, д-р Симоновска се обидела насилно да ја отстрани од ординацијата за време на бронхоскопија, а за тоа има и сведоци. Тие бараат враќање на д-р Митровска-Јосифовска на работа и потенцираат дека самоволието на директорката ја уништува клиниката и влијае на пациентите.
Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека ќе го испита случајот со разрешената докторка.