Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев денеска поднесе оставка, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Владата. Оттаму велат дека тој ја доставил оставката до Владата, a Владата која денес заседава ја констатираше оставката.
Како причина за оставката тој навел приватни и семејни причини.
Дончев беше именуван за директор на Фондот за здравствено осигурување на местото на разрешениот Сашо Стефановски на 10 август 2017 година. Дончев на изборите на 11 декември претходната година беше носител на листата во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“.
Последниот јавен настап на Дончев беше прес-конференцијата на 30 април, кога објави дека хронично болните од 1 мај не мора да одат на матичен лекар за да им препише хартиен рецепт, туку со јавување по телефон тој веднаш ќе им искреира електронски рецепт за потребниот лек. Софтверски, тој е-рецепт се испраќа до 773-те аптеки во државата, со кои Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) има склучено договор.
А. АНТЕВСКА