Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд во Скопје против две лица, од кои првообвинетиот е Мухсин Арифи, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, а се товари за кривично дело Примање поткуп. Второобвинетиот е обвинет за Примање награда за противзаконито влијание.
Според наводите во обвинението, директорот побарал значителна имотна корист за себе за да одобри хоспитализација на лице во тешка здравствена состојба, што било негова службена должност. Тој парите ги побарал од сведок кој имал склучено договор за доживотна издршка со пациентот.
Второобвинетиот, искористувајќи го своето влијание кај директорот, посредувал и ја примил бараната сума за да се изврши службеното дејствие. Тој бил уапсен на лице место од страна на полицијата при примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра.
Заедно со обвинителниот акт, Обвинителството доставило и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, со образложение дека околностите поради кои притворот првично бил определен сè уште постојат и нема услови за одредување на поблага мерка.