ДКСК: НЕ СЕ ВРАБОТУВААТ СПЕЦИЈАЛНИ, ТУКУ ПОСЕБНИ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ

    ДКСК: НЕ СЕ ВРАБОТУВААТ СПЕЦИЈАЛНИ, ТУКУ ПОСЕБНИ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ

    Државната комисија за спречување на корупцијата реагира на вчера објавениот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК, „По специјалниот обвинител доаѓаат и специјални антикорупционери“.

    „Укажуваме дека не станува збор за нови специјални членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, туку за лица кои ќе работат во новоформираното Одделение за антикорупциска проверка на легислативата во рамки на Секретаријатот на ДКСК.“, стои во дописот што во антикорупциската комисија го насловиле како Демант.

    Тие тврдат дека „се работи за редовен оглас за вработување согласно систематизацијата за работни места во Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата.“

    САКАМДАКАЖАМ.МК дека вчера објави дека за разлика од седуммината актуелни членови на Комисијата, новите ќе работат исклучиво на проверка на законите, со цел да се откријат можни одредби со кои се овозможува легална корупција. Тие ќе бидат одвоени во специјално одделение, кое ќе ги истражува спорните законските решенија и случаи на судир на интереси, согласно препораките на Европската комисија.

    И во демантот на ДКСК стои дека „во процедура е формирање на Одделение за антикорупциска проверка на легислативата во рамки на Секретаријатот на ДКСК, за чија што реализација беше објавен оглас за вработување на 5 извршители.“

    САКАМДАКАЖАМ.МК  се повика токму на овој оглас во кој се нагласува дека постапката е итна и на извори од ЕУ кои велат дека „паралелните антикорупционери ќе може да направат ревизија на сите постоечки закони, како и на сите нови закони кои ќе ги донесе Собранието“.

    И во дописот од ДКСК стои дека „антикорупциската проверка на легислативата, како исклучително важен превентивен антикорупциски механизам што се применува во голем број земји, е една од мерките од приоритет 1 – Владеење на правото и правосудството – Антикорупциски политики и законодавство, утврдени во Планот на активности на Владата на Република Македонија во согласност со Листата на итни реформски приоритети за Република Македонија доставен од страна на Европската комисија.“

    Потребата од итни реформи во Антикорупциската комисија беше нотирана во последниот извештај на Европската унија за Македонија, во ноември минатата година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари