Додека САД и европските држави задолжително спроведуваат конфискација на имот стекнат на криминален начин, во Македонија обвинителите уште не се доволно освестени за оваа законска обврска. Тие уште бараат начин како да обезбедат или замрзнат во истражна постапка нелегално стекнат имот, а конфискација речиси и да нема.
Според јавниот обвинител од Штип Тодор Витларов, кој зборуваше на дебатата за конфискација што ја организираа Здружението за кривично право, Американската амбасада во Скопје и МАНУ, досега во судските постапки биле извршени само 16 конфискации на нелегален имот стекнат во правни лица.
„Проблемот е што нема добра истрага во вакви случаи. Обвинителот треба веднаш да реагира, веднаш да поведе иницијатива, за навреме да го обезбеди имотот што треба да го конфискува“, рече Витларов и ги потсети обвинителите дека со законските измени сега ако правното лице (политичка партија, компанија, фирма) намерно се згасне за да не му се конфискува имотот кога ќе се отвори истрага, законот нуди решение како да се постапи во таков случај и имотот пак да се обезбеди.
Обвинителот Стевчо Донев од СЈО низ примери од барањата за замрзнување на нелегални имоти во врска со истрагите што ги поведе ова обвинителство, укажа на небулозите во законите, кои, како што рече, им даваат можност на судиите да ги одбијат таквите барања на обвинителството или да го развлечат одговорот што треба да го дадат во врска со постапката за замрзнување на таквиот имот.
Низ примери како функционира конфискација на криминално стекнат имот во Америка, федералниот судија Пол Бајрон од Окружниот суд на САД, округ Флорида, се обиде да помогне и да даде одговор пред присутните судии и обвинители што е тоа што ги прави финансиските истраги кај нас недоволно ефикасни, за да се дојде до конфискација на имотот.
Академик Владо Камбовски потсети дека конфискацијата стекната со кривично дело не застарува и оти таа може да се изврши и по 50 години од кривичното дело. И да застари кривичното дело за гонење, конфискацијата не застарува, укажа тој.
За СЈО, кое во неколку истраги побара и успеа да добие одобрување од судот за привремено замрзнување на имот на обвинети од неговите случаи, рече дека треба да ги доврши почнатите финансиски истраги, кои се најтешки, но исклучително важни. Според него, одредбата која го дефинира мандатот за кој е формирано ова обвинителство, е посилна од одредбата која го ограничува рокот на СЈО за поднесување обвиненија.
С. К. ДЕЛЕВСКА