Бугарскиот премиер Бојко Борисов положи цвеќе и рече дека политичарите имаат одговорност да не дозволат да се случат слични настани на денешното одбележување 75 години од депортацијата на македонските Евреи во Тутунскиот комбинат во Скопје, од каде што во логорот „Треблинка“ во смрт биле пратени 7.144 Евреи од Македонија.
„Да извлечеме заклучоци и да сфатиме дека на Балканот треба да градиме, да работиме заедно, да одиме кон подобро уредување и народите да ни живеат среќно, а сето тоа да остане во историјата. Ако, не дај Боже, повторно дозволиме слични настани, тогаш сме глупави. И ние, сегашните политичари, имаме одговорност. Не сме ги заборавиле, слава им, и затоа дојдовме заедно со македонскиот народ да жалиме за тие што не успеале да се извлечат живи од нацистичката машина“, рече Борисов.
Борисов и македонскиот премиер Зоран Заев претходно учествуваа во поворката „Марш на живите“ од Музеј на Град Скопје до Тутунскиот комбинат, во која беа претставници од Владата, Собранието, од Еврејската заедница во РМ, странски гости и делегации.