Министерството за здравство до Јавното обвинителство на Македонија ја достави документацијата и наодите од извештаите на комисиите во врска со работењето на Стоматолошката комора, за натамошно постапување согласно законските надлежности. Алиу на 8 август, по насоки на стручна комисија, поради констатирани неправилности, ѝ ги одзеде овластувањата на Стоматолошката комора, која меѓу другото дава лиценци за работа на лекарите стоматолози.
„Доставени се трите извештаи за работа на комисијата за вршење надзор над законитоста на работата во вршење на јавното овластување на Стоматолошката комора од 25.02.2025 година, од 15.05. 2025 и од 21.05.2025 година. Дополнително е доставено и известување до Стоматолошката комора од 11.03.2025 година, како и списи и документација од секторот за стоматолошка здарвствена заштита“, велат од Министерството.
За процедурата за добивање или продолжување лиценца на докторите по стоматологија, за што Министерството за здравство времено ги презеде надлежностите, докторите може да ја достават документацијата во архивата на Министерството за здравство, до Сектор за стоматолошка здравствена заштита.
Претседателот на Стоматолошката комора на Македонија Маријан Денковски на 11 август рече дека во Комората имале неколку контроли и не биле констатирани неправилности. Денковски тогаш рече дека изминатиот период имале интензивна комуникација со министерот за здравство и заклучокот бил дека доколку има неправилности, Комората ќе ги вложи сите напори да се исправат.
„Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Управата за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“, кажа тој, демантирајќи ги наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.
Стоматолошката комора ќе свика вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието на Комората, по што ќе ги информираат и членовите на Комората и медиумите, како и пошироката јавност, за официјалниот став, бидејќи согласно актите на Комората, само Собранието има надлежност за тоа.
„На крајот времето ќе покаже каде е вистината. Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финасиски или други криминали, сосема реално е да бараме и очекуваме јавно извинување до целокупната македонска јавност и целокупното членство на Комората, затоа што Комората постои и се состои од нејзините членови, докторите на стоматологија“, рече Денковски.