ДРАГИ РАШКОВСКИ ОДИ ВО ПРИТВОР, НАСОЧУВАЛ ДРУГ ОСОМНИЧЕН ДА ЗБОРУВА СТРУЧНО ЗА ДА НЕ ГО РАЗБЕРАТ ОБВИНИТЕЛИТЕ ОТИ БИЛЕ ГЛУПИ

    ДРАГИ РАШКОВСКИ ОДИ ВО ПРИТВОР, НАСОЧУВАЛ ДРУГ ОСОМНИЧЕН ДА ЗБОРУВА СТРУЧНО ЗА ДА НЕ ГО РАЗБЕРАТ ОБВИНИТЕЛИТЕ ОТИ БИЛЕ ГЛУПИОбвинителката Русковска е задоволна од одлуката на кривичниот совет и додава дека обвинителството и во првиот наврат дало доволно докази дека Рашковски и вториот осомничен се имотни, може да избегаат и спокојно да живеат во бегство и оти може да влијаат врз сведоците. (Фото:СДК.МК)

    Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, од куќен, денеска оди во ефективен притвор во Шутка откако кривичниот совет во Основниот кривичен суд ја прифати жалбата на Обвинителството за организиран криминал и корупција во истрагата за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, кој никој не го користи.

    „Никогаш не сме аргументирале толку педантно и толку обемно дека првоосомничениот е имотен, може да бега и спокојно да живее во бегство и оти може да влијае врз сведоците во постапката што се води против него. Истото се однесува и за второосомничениот“, ни изјави Обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска.

    Преиначена е одлуката и за второосомничениот, сопственикот на фирмата „Инвока“ Даниел Станчески, кој исто така оди во Шутка, место во куќен притвор. Во истрагата се осомничени уште две лица кои добија поблаги мерки на претпазливост, како забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патните исправи.

    Од судско-обвинителски извори, САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека четвртоосомничениот во истрагата не успеал да го форматира телефонот пред да му биде одземен и во една од пораките, првоосомничениот Рашковски му вели: „Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“.

    Дополнително, САКАМДАКАЖАМ.МК доби потврда од очевидци, професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“, дека претрес во истрагата против Рашковски за злоупотреба на службената положба и овластувањата се вршел и таму, бидејќи фирмата „Инвока“ ја користела и канцеларијата на Рашковски, кој во Владата дојде од Правниот факултет.

    Одземените биле компјутери на „Инвока“, но таму бил и софтверот за прашањата за кандидатите за Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Во јавноста имаше сомневања, главно од кандидатите за прием на Академијата кои отпаднааа при тестирањето дека не е возможно да се освои толкав висок процент со 100 проценти освоени бодови и се сомневаа дека некој ги продава шифрите со заштитените прашања за полагањето. Меѓу кандидатите што укажуваа на тоа се и истакнати долгогодишни волонтери, особено во Обвинителството, за кои обвинителите велат дека се „печени“ обвинители и дека во занаетот ги надминале дури и нив.

    На листата на положени кандидати се најдоа и веќе слушаат предавања на Академијата деца на високи државни функционери и на врвни судски и обвинителски функционери, а други со висок просек на студиите по право, останаа непримени.

    Истрагата против Рашковски Обвинителството ја почна за софтвер кој чини над 80.000 евра, кој Рашковски во име на Владата го набавил од фирмата „Инвока“ за потребите на МВР, а на полицијата ниту ѝ бил потребен, ниту пак некогаш од него побарала да им набави таков софтвер за сообраќајни прекршоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира