ДРИСЛА И ДА НЕ СТАВИ ФИЛТРИ, ПЕЧКАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД НЕ МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА СЕ ИСКЛУЧИ

    ДРИСЛА И ДА НЕ СТАВИ ФИЛТРИ, ПЕЧКАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД НЕ МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА СЕ ИСКЛУЧИКонтролите што ги направи Државниот инспкторатот за животна средина покажаа дека во септември и октомври лани на Дрисла имало загадување со јаглерод моноксид, сулфур двооксид и честички прашина од печката за согорување медицински отпад.

    Скопската депонија Дрисла има рок од 90 дена за да постави филтри на печката за согорување медицински отпад, во спротивно ќе биде казнета според Законот за заштита на животната средина.

    Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средна, рече дека во случај Дрисла да не стави филтри, сепак нема да можат да донесат решение со кое целосно ќе ѝ се забранат да согорува медицински отпад, бидејќи ќе настане проблем со негово складирање и депонирање.

    „Медицинскиот отпад од целата земја се носи на Дрисла и таму се согорува. Ако ставиме целосна забрана ќе се отвори проблем со депонирање и складирање на тој отпад“, рече Богдановски.

    Тој кажа дека последните три години за загадување на воздухот казнета е само скопската депонија и тоа по контролите направени минатиот месец, во кои беше утврдено дека од печката за согорување медицински отпад излегуваат повеќе загадувачки материи од она што е максимално дозволено. Контролите покажаа дека во септември и октомври лани било евидентирано загадување со јаглерод моноксид, сулфур двооксид и честички прашина.

    Инспекторатот донесе решение со кое ѝ забрани на депонијата да согорува медицински отпад, ако два дена по ред загадувањето е над 200 микрограми на кубен метар од две мерни станици што се во нејзина близина. Ова решение Инспекторатот го донесе на 12 минатиот месец.

    „Поведена е и прекршочна постапка против Дрисла и спогодбено комисијата при Министерство за животна средина ја казни со парична глоба од 8.500 евра во денарска против вредност. При тоа спогодување на Дрисла ѝ е даден рок од 90 дена да постави филтри на печката за согорување медицински отпад“, вели Богдановски.

    Тој кажа дека од 15 вонредни инспекциски надзори што ги спровеле во Скопје и Тетово во деновите со најголемо загадување минатиот месец, кај друг правен субјект не утврдиле неправилности во работењето.

    „Инспекторатот во моментов има 15 инспектори од кои тројца се за Скопје. Сепак обезбедуваме 24 часовна интервенција и апелирам до граѓаните да пријават на бројот 193 ако забележат палење и согорување отпад и друг опасен материјал. Во буџетот за оваа година добивме дополнителни 10 милиони денари и првично планираме да вработиме уште седум инспектори“, кажа Богдановски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира