Над 120 илјади деца во земјава, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија, вели УНИЦЕФ, според последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика. Темата на денешниот Меѓународен ден на искоренување на сиромаштијата е „Ставање крај на несоодветното постапување на општеството и институциите “ .
Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 на 32,8 отсто во 2021, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата.
„Состојбата предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот. Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија“, вели УНИЦЕФ.
Денес, помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто.
Според УНИЦЕФ, една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија. Ова може да вклучи, велат оттаму, проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот.
„Земјата исто така би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија. Универзалниот пристап – парична помош за секое дете – драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од стигма и дискриминација. Притоа универзалната парична помош за деца придонесува да се изгради и одржи социјалната кохезија, намалувајќи ја нееднаквоста“, препорачува УНИЦЕФ.
Б. НЕСТОРОСКА