ДРЖАВАТА ДОПОЛНИТЕЛНО ГИ ОБЕСПРАВУВА БЕБИЊАТА ОД РОДИТЕЛИТЕ БЕЗ ИДЕНТИТЕТ И ЈА ЗГОЛЕМУВА БРОЈКАТА НА НОВИ ФАНТОМИ

    ДРЖАВАТА ДОПОЛНИТЕЛНО ГИ ОБЕСПРАВУВА БЕБИЊАТА ОД РОДИТЕЛИТЕ БЕЗ ИДЕНТИТЕТ И ЈА ЗГОЛЕМУВА БРОЈКАТА НА НОВИ ФАНТОМИНародниот правобранител очекува со законски измени да се решат сите генерациски проблеми на лицата-фантоми, па новороденчињата да не го наследуваат од родителите немањето матичен број. - Васка Бајрамовска-Мустафа (Фото: СДК.МК)

    По две години од Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, државата не само што не го реши проблемот со невидливите лица, туку матичен број и извод на родени не им дава ниту на нивните бебиња.

    Со тоа придонесува бројката на овие сограѓани без право на лекар, на школа, на вработување, на детски додаток, социјална помош, сметка во банка, државјанство, па и без право на смрт (извод за починати лица), само да се зголемува.

    Бебе на родители без матичен број, и да се роди во болница, со час, ден, град, Управата за водење матични книги нема да му даде ни евиденциски број, односно дополнителен матичен број. За МВР, нема проблем новороденчињата на родители без матичен број да се впишат во Матичната книга на родените, за Управата, Законот за матичен број МВР треба да го смени за да се запишат барем бебињата. Односно, не дава извод на родени ако родителите што го пријавуваат немаат матични броеви и изводи на раѓање издадени од Управата.

    Тоа е и третата точка од заклучоците на претпоследната седница, кога Владата дала задолженија буквално по сите барања од Народниот правобранител Насер Зибери срочени во Информација со факти како донесениот закон не се спроведува.

    „Во иста каша се како лицата што успеале да се пријават и да добијат евиденциски број, така и тие кои не знаат како тоа да го направат, целосно се неписмени, не ги знаат своите права или се дислоцираат од еден во друг град. Бадијала што се евидентирани првите, кога системот никаде не ги препознава. Ниту во образованието, ниту кога бараат здравствена заштита, ни во Агенцијата за вработување… во ниедна институција. Во овој контекст Народниот правобранител укажува дека ниту еден од ресорните закони кои поединечно ги утврдуваат горенаведените права не се усогласени со Законот за неевидентирани лица во матична книга, што се потврдува со фактот дека евиденциониот број кој го добиваат лицата во изводот од посебната матична книга на родените и кој е содржан во идентификационата исправа, не се препознава во интегрираниот систем на надлежните органи и институции, па во пракса лицата имаат извод и исправа но не можат да остварат ниту едно од споменатите права“, вели заменик-народниот правобранител Васка Бајрамивска-Мустафа.

    Токму затоа, Владата го задолжила МВР најитно да изнајде софтверско решение за надградба на системот, кое ќе го препознава посебниот евиденционен број од Изводот од посебната матична книга на родени, ќе ја препознава идентификационата исправа што ја имаат овие невидливи лица, за да можат непречено да ги остваруваат основните човекови права. Се задолжуваат и ресорните министерства да ги усогласат законите со Законот за неевидентирани лица, бидејќи две години не мрднале со прст.

    Министерството за труд и социјала е задолжено до 31 јули да достави предлог за продолжување на законот за најмалку уште година. Ова ќе му биде второ продолжување, првото беше без никаков ефект и корист за неевидентираните лица.

    Народниот правобранител е задоволен од тоа што за првпат Владата му ги прифатила сите барања за некој проблем и најавува дека ќе следи како министерствата ќе ги спроведуваат задолженијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира