ДРЖАВАТА ЌЕ ПОКРИЕ ДЕЛ ОД ЗАГУБИТЕ НА ОПЕРАТОРИТЕ ЗА ПОЕВТИН РОАМИНГ, КАЖА ЗАЕВ НА ДИГИТАЛНИОТ САМИТ

    ДРЖАВАТА ЌЕ ПОКРИЕ ДЕЛ ОД ЗАГУБИТЕ НА ОПЕРАТОРИТЕ ЗА ПОЕВТИН РОАМИНГ, КАЖА ЗАЕВ НА ДИГИТАЛНИОТ САМИТ„Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи“ рече еврокомесарката Марија Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија (Фото: Ѓ. Личовски)

    Државата ќе учествува во покривање на евентуалната загуба што би ја претрпеле мобилните оператори при намалување на цените на роаминг услугите, преку намалување на сумите што тие ги плаќаат кон регулаторните тела, кажа премиерот Зоран Заев на првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, кој денес и утре се одржува во Скопје.

    Според него бенефитот од подобрата поврзаност меѓу граѓаните и фирмите ќе биде многу голем, бидејќи компаниите кои се подобро поврзани ќе остваруваат подобар профит и на тој начин ќе ги надополнат парите во буџетот.

    „Но, со тоа ќе го следиме модерниот тренд, кој дигитализацијата го овозможува и буквално ќе го фатиме моментот да не каскаме зад западните земји кои што итаат со големи чекори напред. Она што и денес постои во буџетот на секое министерство на секое државно претпријатие, ако добро го консолидираме ќе обезбедиме добра сума на пари. Заедно со министерот за финансии предвидуваме нови средства постојано давајќи поддршка за дигиталната агенда“, кажа Заев.

    Тој кажа дека веќе е формиран Национален совет кој работи на дигитално поврзување на сите министерства и јавни претпријатија, и дека целта е да им се олесни пристапот на граѓаните до потребните услуги, односно да ги добиваат преку интернет.

    „Идејата е преку интернет граѓаните да добиваат одобрение за градба, имотен лист, извод од матична книга на родени, на интернет да се видат сите слободни земјоделски парцели. Секојдневие да стане интернетот и да го замениме чекањето пред шалтерите за услуги“, кажа Заев.

    Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски кажа дека од самитот очекува цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ да се намалат, преку заеднички настап и да има меѓусебно признавање на дигиталните печати.

    На Самитот присуствуваат еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Дениз Звиздиќ, заменик премиерката на Албанија, Сенида Меси, министри за економија, за информатичко општество на земјите од Западен Балкан, политичари и амбасадори.

    „Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи. Прашањето за роамингот е неопходно и корисно за бизнисот и граѓаните“, рече еврокомесарката Марија Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира