Државната матура ќе се полага во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Откако во март годинава училиштата се затворија како мерка против ширење на ковид-19, државната матура во јуни се укина и сите матуранти добија дипломи, со исто важење како и претходните години.
Од МОН велат дека поолагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура.
„Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено, и безбедно полагање на матурските испити“, велат од кабинетот на министерката Мила Царовска.
МОН ги повикува матурантите до крајот на месецов да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, којашто е проширена со уште нови два предмета.
„Оваа учебна година за првпат, матурантите имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите. Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини“, вели МОН.