Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски рече дека кога на почетокот на јули дошол на функцијата, на сметката имало околу 90 милиони денари, а долговите биле околу милијарда и сто, десет пати поголеми долгови од што е состојбата на сметката.
„На вчерашната состојба, имаме милијарда и сто на сметката и милијарда и триста во долгови. Се приближуваме до некоја финансиска стабилност“, рече Трајановски по средбата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Трајановски кажа дека од февруари годинава не биле плаќани фактурите на многу институции, како на пример на „Македонија пат“, на кои, како што рече, им е платено само за исплата на плати, а не е платено, како што дополни, и на Министерството за финансии во вредност од 300 милиони денари за отплата на ануитети за кредити кои ги плаќа Министерството во име ЈПДП.
„Финансиската состојба беше многу лоша, успеавме да ја санираме, пред сè во наплата на патарините. Доколку направиме споредба јули 2023 со јули 2024, имаме во јули 2024 година 66 милиони поголема наплата во однос на минатата година“, рече директорот.
Трајановски кажа и дека претпријатието потпишувало договори со многу високи цени, од кои ја сподели цената од 30 илјади денари за ангажирање на стручен електроинженер од висока стручна спрема за еден час работа.
„Да не зборувам за сите други слични договори кои што биле правени. Не е правена конкуренција и не се гледало да бидат конкурентни на пазарот“ рече тој.