Државниот архив за првпат јавно ги претстави оригиналното гласачко ливче од Референдумот за независност од 1991 година, записниците од гласачките места и други документи поврзани со подготовката и спроведувањето на референдумот. Материјалите, ексклузивно за МИА, ги претстави директорот на Државниот архив м-р Димитар Богески, во годината кога институцијата одбележува 75 години постоење и 35 години од независноста на државата.
Според Богески, архивските документи овозможуваат процесот на создавањето на независната држава да се следи преку конкретни правни и политички акти.
По воведувањето на повеќепартискиот систем и изборите во 1990 година, по конституирањето на првото повеќепартиско Собрание следуваат Декларацијата за сувереност од 25 јануари 1991 година, Одлуката за распишување референдум од 26 јули, Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните од 17 септември и Уставот од 17 ноември 1991 година.
„Кога овие документи ги следиме по нивниот хронолошки редослед, добиваме јасна слика за целокупната динамика на државотворниот процес – од првите политички промени и воспоставувањето на новата институционална рамка, преку утврдувањето на сувереноста и изјаснувањето на граѓаните, до уставното конституирање на независната држава“, вели Богески.
Покрај уставно-правните акти, архивските фондови содржат службени акти, преписки, записници и извештаи поврзани со работата на институциите и организацијата на референдумот.
„Преку архивските фондови можеме да ја следиме постепената трансформација на политичката волја во конкретни државни акти“, вели Богески.
Тој нагласува дека оригиналните документи овозможуваат да се видат датумите, потписите, печатите, правните формулации и институциите од кои произлегуваат.
„Зачувувањето на оригиналните документи од 1991 година е врвна институционална и патриотска одговорност“, вели Богески, додавајќи дека тие треба да бидат трајно заштитени, стручно обработени и достапни за идните генерации.
По повод 35 години од независноста, изложбата „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“ ќе биде претставена во Хрватскиот државен архив во Загреб. Таа опфаќа документи од државотворниот процес, од Разловечкото востание во 1876 година, преку Илинден и АСНОМ, до независноста во 1991 година.



