ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИ УТРЕ ЌЕ БИДЕ СТАВЕН НА ДНЕВЕН РЕД ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СОБРАНИЕТО

    ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИ УТРЕ ЌЕ БИДЕ СТАВЕН НА ДНЕВЕН РЕД ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СОБРАНИЕТОНов државен обвинител ќе биде избран во законските рокови, вели спикерот Африм Гаши. - Љупчо Коцевски (Фото: СДК.МК)

    Точката за разрешување на Државниот обвинител Љупчо Коцевски ќе биде ставена на дневен ред на пленарна седница во Собранието утре, кажа денеска претседателот на Собранието Африм Гаши.

    „Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“, рече на 9 декември владината портпаролка Марија Митева образложувајќи ги причините за одлуката на Владата тој ден.

    Нов државен обвинител ќе биде избран во законските рокови, рече спикерот на денешниот брифинг со новинарите, неодредувајќи точен датум.

    Гаши очекува дека до крајот на декември Собранието да одржи четири пленарни седници, а на едната од нив да бидат донесени измените на Кривичниот законик со кои се амнестира корупција на носители на власта и поради кои пропаднаа повеќето предмети на поранешното Специјално обвинителство.

    Подоцна, веројатно следната година, ќе се носи нов Кривичен законик, усогласен со европските директиви.

    Денеска Собранието ги чека предлог-измените на неколку членови на КЗ, кои според одлуката на Уставниот суд мора да се донесат.

    На 23 декември пред пратениците годишно обраќање треба да има претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.

    Според Гаши, останува да бидат донесени уште два закона за да се заокружи Реформската агенда, а тоа се Законот за јавни патишта и Законот за Судски совет кои се во собраниска процедура.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира