Преполни се државните домови за стари лица. Низ цела земја има пет државни домови за сместување на стари лица и нивниот капацитет е околу 600 легла. Но, во таму се сместени повеќе лица од капациетот, а на листата на чекање во моментов се околу 250 граѓани.
Четири домови се под надлежност на Општините. Тоа се јавните установи: Дом за стари лица ,,Зафир Сајто“ Куманово со капацитет од 197 легла, Дом за стари лица ,,Сју Рајдер“ Битола со капацитет од 150 легла, Дом за стари лица ,,Киро Крстевски-Платник“ Прилеп со капацитет од 151 легло и Општинската јавна установа за социјална заштита на стари лица „ Д-р Иван Влашки“ Берово со 29 легла.
Под надлежност на Министертсвото за труд и социјална заштита е само домот ,,Мајка Тереза“ во скопско Злокуќани со 111 легла.
„Во овие домови сместени се вкупно 837 стари лица, додека на листа на чекање се околу 250 граѓани“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Од таму велат дека ценовникот за сместување во овие домови не е сменет со години. Па така, сместување во ,,Сју Рајдер“ Битола е 10.000 денари месечно,, во кумановскиот дом 12.000 денари, а во прилепскиот 15.000 денари. Во домот во Злокуќани месечната цена е 18.000 денари, додека во „ Д-р Иван Влашки“ Берово цената е 22.000 денари.
За разлика од државните домови меѓу кои кои со години не се изградил нов, постојано се отвораат приватни домови за стари лица. Во моментов, според податоците на Министерството за труд и социјална политика има 42 приватни домови и во нив се сместени околу 1.200 граѓани.
Цените во приватните домови се речиси тројно повисоки од оние во државните и се движат од 40.000 денари па нагоре. Цената во приватните домови зависи од здравствената состојба на лицето, потребите во однос на лекови и терапии, како и тоа дали сместувањето е во еднокреветна, двокреветна или трокреветна соба.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека работат на зголемување на капацитетите на домовите за стари лица низ цела држава.
„Со Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2024 година предвидено е реконструкција, адаптација и пренамена на ученичкиот дом „Боро Менков” Крива Паланка во јавна општинска установа за вон-семејна заштита на стари лица во општина Крива Паланка, како и изградба на јавна општинска установа за вон-семејна заштита на стари лица во општина Кавадарци. Исто така во тек се ативности за изведување на градежни работи за реконструкција и адаптација на деловен објект број 4 во Дом за стари лица д-р Иван Влашки–Берово, а се со цел зголемување на сместувачкиот капацитет на установата“, велат од Министерството.
Во државава заклучно со месец февруари има 338.188 пензионери, од нив со минимална пензија од 12.528 денари се 24.636 лица.
Нема податок колку од овие повозрасни граѓани живеат сами.
А. АНТЕВСКА