ДРЖАВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА НА АЛБАНЦИ КОИ ГИ ВЕТУВА МЕЏИТИ СЕ ПРЕДИЗБОРЕН ПОПУЛИЗАМ, ДА НЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МИНЧЕВ

    ДРЖАВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА НА АЛБАНЦИ КОИ ГИ ВЕТУВА МЕЏИТИ СЕ ПРЕДИЗБОРЕН ПОПУЛИЗАМ, ДА НЕ СЕ ОДНЕСУВА КАКО АЛИСА ВО ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ МИНЧЕВМинистерот за јавна администрација вели дека јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка. (Фото: СДК.МК)

    Изјавата на првиот вицепремиер Изет Меџити на партиски настан на владиниот колиционен партнер ВЛЕН, за масовни вработувања на Албанци во јавната администрација во период од една година, е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев. Тој вели дека јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка.

    Би го замолил господинот Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.Сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци“, се вели во писмената реакција на Минчев.

    Во реакцијата на министерот Минчев се вели дека политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.

    Неколку часа подоцна, Меџити му возврати на Минчев дека „правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“ Тој ја потенцираше одлуката на Владата за трансформација на работниот однос од договор на дело во трајно вработување за околу 1500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, додавајќи дека за оваа одлука се горди.

    Првиот вицепремиер Изет Меџити на партиски настан во Шуто Оризари, вети дека за една година на власт ќе вработат до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација. Тој рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државна служба, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира