Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија на Скопскиот маратон ја почнува кампањата за одбележување на мај, кој е месец за зголемување на свеста за меланомот. Директорката д-р Софија Пејкова вели дека токму со тоа што тимот од Клиниката трча на маратонот, сакаат да пратат порака дека луѓето не треба да се кријат и плашат од сонцето, но дека треба да бидат заштитени.
За потребите на кампањата, Клиниката изработила анализа на бројот на пациенти кои се оперирани кај нив.
„Во периодот од 2006 година до лани регистрирани се 1.361 заболен од меланом, а на нашата клиника двојно е зголемен бројот на пациенти кои се хируршки оперирани, односно од 66 тој е зголемен на 134. Кај нас доаѓаат главно пациенти во подоцнежна фаза, кога не може многу да се направи, затоа е и кампањата за подигање на јавната свест“, вели д-р Пејкова.
Таа вели дека и во светски рамки бројот на заболени од меланом е зголемен, пред се поради оштетувањата на озонската обвивка и директното влијание на сончевите зраци.
„Од анализата што ја направивме, дознавме дека најмногу заболени се од регионите каде луѓето се занимаваат со земјоделство, односно каде има директна и долготрајна изложеност на сонце“, вели д-р Пејкова.
Раната дијагноза според неа е многу значајна, бидејќи ги зголемува шансите за успешно лекување.
„Со нашето појавување на маратонот сакаме да кажеме дека не се плашиме од сонцето и дека не треба да се криеме од сонцето, кое е извор на животот и е многу е важно за витаминот Д, кој ни е исто така потребен. Но при изложување на сончевите зраци, кои поради оштетување на озонската обвивка стануваат опасни, треба да бидеме заштитени. Тоа значи дека при долготрајно изложување на сонце луѓето треба да носат соодветна лесна облека, изложените делови од телото да се покриени, да се носат очила за сонце, да се заштитат под чадор, да носат капи и да се користат креми со заштитен фактор. Да се избегнува периодот на директна изложеност на сончевите зраци од 10 до 16 часот. Тоа се светски препораки, кои важат и кај нас“, вели д-р Пејкова.
Е. БОЧВАРОСКА