Единствениот кандидат Мустафа Хајрулахи за моќната функција Виш јавен обвинител на Скопје по вторпат, ќе се најде на избор во петок пред истиот Совет на јавни обвинители, кој во мај му кажа дека не е задоволен од неговото менаџирање на ова обвинителство.
На седницата на која се разгледуваше извештајот за работата на ВЈО Скопје, под кое се Скопското јавно обвинителство, ОЈО Куманово, Гевгелија, Кавадарци, Велес и Крива Паланка, членовите му упатија сериозни критики во работењето како досегашен шеф, со недозволиви грешки, како во Вишото, така и во овие пет основни јавни обвинителства под него.
Хајрулахи нема податоци за причинетата материјална штета од кривичните дела за кои во овие обвинителства се водат истраги, како на Буџетот на државата, така и на физички лица, фирми и компании. Нема ниту една конфискација на имот стекнат од криминалот што го работат најголемото, ОЈО Скопје и другите пет обвинителства, ниту пак Вишото обвинителство како коректив, во постапките пред Апелациониот суд не побарало замрзнување и конфискација на нелегално стекнат имот.
Членовите на Советот на Хајрулахи му забележуваат и што не ги образложил причините за тоа што нема ниедна конфискација.
Натаму, не го интересирало ни за бројката на вложени жалби за казнени налози. Стотици граѓани кои ги прекршија мерките во пандемијата добија казнени налози, некои и над 5.000 евра, а казнени налози се изрекуваат и за други кривични дела.
Како што натаму стои во објавениот записник од 55-та седница на Советот, член на Советот на јавни обвинители реагирал што Хајрулахи во извештајот ја испомешал огромната бројка кривични пријави од НН лица, со тие од МВР.
Советот констатира огромна бројка на заостанати предистраги и истраги, додека граѓаните чекаат правда. Еден од членовите го прашал – знае ли барем податок колку години се стари тие заостанати предмети и колкава е нивната точна бројка? Истиот член воочил недоследност на прикажаните податоци во табелите за Вишото и за основните обвинителства под негова надлежност.
Следниот член на Советот на седницата го прашал Хајрулахи зошто нема податоци за преземените истражни дејствија за да се види дали е зголемена или намалена активноста на обвинителите од ова подрачје и од ВЈО Скопје? Натаму забележал дека нема ни бројки ни анализа од Хајрулахи за да види Советот колку одлуките на Апелациониот суд Скопје се поклопуваат со дадените предлози на Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Зошто мерките притвор во ОЈО Куманово се зголемени за 300 отсто во однос на 2020 година? Зошто нема податоци за бројот на преземените истраги во ОЈО Скопје, најголемото обвинителство во државава?“, прашал друг член на Советот, незадоволен што од понудениот извештај на Хајрулахи не може да ја согледа состојбата во дотичните обвинителства.
Нареден член на Советот на Харулахи му наоѓа уште потемелни недостатоци во извештајот за работата.
„Бројот на дадени наредби за истраги не е усогласен со бројот на отфрлени пријави. Нема доволно учество на расправи пред Апелациониот суд. Има само 10 расправи за цела година. Дали е оваа бројка реална?“, го прашува тој Хајрулахи.
Според записникот од седницата, шефот на ВЈО Скопје Мустафа Хајрулахи не се ни бранел од овие напади. Тој само попатно кажува пред Советот дека состојбата ќе се поправи, и толку.
За ова место се пријавија и Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми од ВЈО Скопје, но потоа тие ги повлекоа кандидатурите и никогаш не објаснија зошто.
Македонците обвинители во ВЈО Скопје не ни помислуваат да се кандидираат за оваа многу моќно место, под кое е и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Не, не, не ми паѓа напамет. Договорено е Вишото јавно обвинителство на Скопје да биде на ДУИ“, велат овие обвинители.
Мустафа Хајрулахи и Дилавер Бектеши од Вишото се двајцата кои го чуваа во фиока предметот на првостепено осудените на затворски казни Ејуп Алими и Исмет Гури, за преправање на гласачки списоци во Чаир. Не му го враќаа на Апелациониот суд над 5 месеци, а требаше мислењето да го пратат за 15 дена и да го вратат предметот кај Апелација.
Претходно тие не застанаа зад обвинителката Фатиме Фетаи и на судот му напишаа да им ги врати пасошите на Алими (екскоординаторот на пратеничката група на ДУИ и на Гури, функционер во партијата). Никогаш Хајрулахи не одговори на повиците на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто го држат предметот таму со месеци и не му го враќаат на Апелациониот суд.
На крајот дадоа мислење, се разбира, пак неподдржувајќи ја колешката Фатиме Фетаи. Напишаа дека се против жалбите, како на обвинителката Фетаи, така и на обвинетите. Потоа, Апелациониот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторено судење.
Прашан за сознанијата во јавноста дека е близок до владејачката ДУИ, Хајрулахи деновиве во интервју на 360 степени одговори:
„Не знам зошто ми лепат етикети. Не знам откај им е тоа. Нека докажат дека сум близок со ДУИ“.
Но, кажа дека нема ништо лошо да седне на пијачка, да се дружи, па и да се слика со функционери од ДУИ, ако тие немаат кривична пријава или истрага во обвинителството.
„Што има лошо Ислам Абази да се слика со бивш функционер на ДУИ или со сегашен функционер на ДУИ, ако нема кривичен предмет општо во обвинителството? Не гледам причина зошто Ислам Абази би се криел, или јас како обвинител ако имам слики со некој од политичкиот врв, да се кријам? Не гледам дека е спорно да бидам во нивна близина. Можеби сме се сретнале на свадба, можеби на пијачка, на кафе. Еве и јас, не гледам причина да не пијам кафе со некој од политиката, ако нема предмет во обвинителството?“, кажа Хајрулахи.
Во пресрет на седницата за избор на Виш јавен обвинител на Скопје, која ќе биде најверојатно в петок, на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ако има само еден кандидат, значи дека тој ќе биде избран, од Советот на јавни обвинители ни одговорија дека не постои такво правило.
С. К. ДЕЛЕВСКА