По конференциска врска од судница во Германија, клучниот сведок Ремзие Бислимова, која живее и работи во оваа држава, на судењето „Титаник 3“ посведочи дека обвинетите Ејуп Алими и Исмет Гури на локалните избори во Чаир ги украле записниците од гласањето.
Бислимова под заклетва и со судски преведувач во Основниот суд Скопје 1 одговараше на прашања на обвинителката Фатиме Фетаи. Таа била член на изборната комисија во Чаир каде што според обвинението, биле фалсификувани резултатите од гласањето во полза на ДУИ. Ејуп Алими е висок функционер на партијата, еден од најблиските соработници на лидерот Али Ахмети, координатор на пратеничката група на ДУИ.
„Дали по завршувањето на гласањето во просторијата за статистика каде што бевте вие и колешката Нериман, влезе уште некој?“, ја праша Фетаи.
„Влезе Земиле која ги носеше записниците од гласањето“, одговори сведокот.
„Дали уште некој друг влезе?“, продолжи Фетаи.
„Да, влегоа Ејуп Алими и Исмет Гури. Влезе и претседателот на изборната комисија само да провери како оди работата“, рече Ремзие.
„Ејуп Алими и Исмет Гури што правеа, какви дејства презедоа кога влегоа во канцеларијата?“, праша Фетаи.
„Тие неколку пати влегоа и излегоа. Секогаш беа заедно. Прашаа: ’Дали овде може да се направат далавери?‘“, сведочеше Ремзие.
Потоа продолжи:
„Ние двете им кажавме дека вакви далавери нема да правиме ни за нашите родители!“.
„Што се случи откако вие и Нериман им кажавте дека одбивате да правите далавери?“, праша Фетаи.
„По некое време откако им го кажавме тоа, Ејуп Алими дел од записниците ги зема и ги сокри на градите. Не се сеќавам во што беше облечен“, одговори сведокот.
„Како реагиравте вие на тоа?“, праша Фетаи.
„Јас не реагирав Суде, јас бев многу исплашена“, сведочеше Бислимова.
„Што се случи потоа?“
„По некое време се вратија во канцеларијата, ги донесоа записниците што ги зедоа. Ништо не им кажав, зашто беа јаки во партијата“.
„Што се случи со записниците?“, праша Фетаи.
„Ги внесов во системот“, кажа сведокот.
Во делот на исказот на сведокот за далаверите, судскиот преведувач, Албанка, првин преведе дека Алими, кога влегол во забранетата соба наводно прашал: „Дали овде има далавери?“
На ова реагираше обвинителката Фатиме Фетаи, исто така Албанка, со барање преведувачката да даде точен превод.
Три пати сведокот повторуваше дека Алими и Гури ја прашале неа и колешката „Дали овде може да се направат далавери?“, а не „Дали има далавери?“, како што упорно преведуваше судската преведувачка.
Судијката Марија Клетничка ѝ укажа да преведува точно, а адвокатот на Гури на Фетаи ѝ кажа да не се меша во преводот.
Преведувачката потврди дека Фетаи е со исправниот превод.
По сослушувањето на клучниот сведок, ќе следуваат завршни зборови и пресуда за овој случај познат како „Титаник 3“ во наредните денови.
Во „Титаник 3“, Алими и Гури се обвинети за уништување избирачки материјал на локалните избори 2013 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА