Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе Обвинителен предлог против поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, поради кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството соопшти дека обвинетата, во својство на организациски директор на Токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.
„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, вели ОЈО.
На 12 јули, Министерствто за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Иљази, која до крајот на јуни беше економска директорка на Клиниката за токсикологија, поради злоупотреба на службена положба и овластување, со што ја оштетила установата за 10.600 евра (659.781 денари).
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против Б. И. (29) од Тетово, заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело ‘злоупотреба на службена положба и овластување’, предвидено и казниво по член 353 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик“, соопшти тогаш МВР.
Скандалот со Иљази во јавноста го открија вработени од Клиниката, кои во април преку писмо до медиумите и потоа и на прес-конференција, образложија дека таа незаконски бутка да се вработат 18 лица, дека не знае да зборува македонски јазик и на работа функционира со преведувачка.
Претходниот министер за здравство, Илир Демири на сите прес-конференции упорно ја бранеше Иљази дека работи законски, и на еден настан, им рече на новинарите: „Каде бевте со години да прашувате за разни други теми, сте се фатиле за Бесија Иљази“.
Откако Демири го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски, Клиниката остана само со Иљази како директорка, па таа во еден момент објави наредба на огласна табла дека на вработените им е забрането да комуницираат со медиумите.
Според МВР, Иљази, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во периодот од 14 февруари до 24 јуни, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15 мај склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Токсикилогија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за месеците април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на ден 31.05.2025 и 14.06.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659.781 денари со вклучен персонален данок на доход.
„Имено пријавената Б. И., иако знаела дека истиот ден кога е назначена за в. д. организациски директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија, распишани се претседателски и парламентарни избори, како и дека согласно член чл.34 ст. 1 алинеа 3 од Закон за спречување корупција и судир на интереси, член чл.8а ст.1 алинеа 3 од Изборниот законик, како и член чл.109 ст. 2 од Закон за здравствена заштита таа не смее да склучува договори за вработување на лица, договори за дело на работно ангажирање на лица, како и вонредни исплати за време на избори, и дека истите за да бидат употребени во правен промет задолжително треба да бидат потпишани од двајца директори, таа сепак склучила 15 договори за дело“,соопшти тогаш МВР.
Б. НЕСТОРОСКА