ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „ЛОТАРИЈА“ БАЈРАМИ, КОЈ Е ВО БЕГСТВО, ДОБИ УШТЕ ЕДНА КРИВИЧНА ПРИЈАВА, ИСПЛАЌАЛ ЛАЖНИ ФАКТУРИ НА ВТОРООСОМНИЧЕНИОТ БИЗНИСМЕН АЈРУЛИ

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „ЛОТАРИЈА“ БАЈРАМИ, КОЈ Е ВО БЕГСТВО, ДОБИ УШТЕ ЕДНА КРИВИЧНА ПРИЈАВА, ИСПЛАЌАЛ ЛАЖНИ ФАКТУРИ НА ВТОРООСОМНИЧЕНИОТ БИЗНИСМЕН АЈРУЛИОбвинителот до судијата за претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот сопственик на фирмата, привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница. (Фото: СДК.МК)

    Уште една истрага за финансиски криминал е поведена против директорот на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, кадар на тогашната владејачка партија ДУИ. Заедно со второпријавениот Артан Ајрули, сопственик на фирма „Ритрон копи“, исцицале пари од „Лотарија“ преку лажни фактури.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поведе постапка против две физички и едно правно лице. Првопријавениот Перпарим Бајрами, во својство на претседател на Управен одбор – Генерален директор на АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, е осомничен за – Злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

    За второосомничениот сопственик Артан Ајрули и за неговата фирма постои основано сомнение дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство согласно член 275-в и од Кривичниот законик.

    Бајрами во периодот од 2022 до 2024 година одобрувал исплата по фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на „Државна лотарија“. Фактурите ги издавал второпријавениот сопственик и управител на „Ритрон копи“, иако и двајцата биле свесни дека дел од опремата во фактурите не се испорачувала согласно предвиденото во склучените договори за јавни набавки.

    Предмет на проверки е целокупната постапка за доделување на шест јавни набавки на ваква опрема за „Државна лотарија“, од моментот на утврдување на техничките спецификации до реализацијата.

    Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот сопственик на фирмата, привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска повремено да се јавува во судот.

    Пред 10-ина дена, МВР до Обвинителството поднесе кривична пријава дека Бајрами заедно со поранешниот прв вицепремиер  Артан Груби направиле проневера од 8,2 милиони евра. По отворањето на истрагата, двајцата ги снема и сега се бараат со меѓународна потерница.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира