Откако на 7 јули градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го разреши од функцијата Зуди Енуз од Алијанса за Албанците, денеска за нов директор на Јавното Претпријатие Комунална Хигиена Скопје е назначена Косана Мазнева.
„Мазнева има повеќе од 15 години искуство, во кои била раководител на сектор природа во Министерство за животна средина и просторно планирање, одговорен инженер и советник за животна средина во АД Електрани на Македонија и поранешен пратеник во два мандата. Високо образование има завршено на Природно-Математичкиот Факултет во Скопје“, е кусата биографија што денеска ја испрати Град Скопје за новоименуваната директорка на ЈП Комунална хигиена.
Арсовска го разреши Енуз Кока откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека критичниот ден на 6 јули за време на протестите против францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија, вооружено лице сакало да го убие. Полицијата утврди дека пукачот во воздух беше Цуфи Кока, брат на директорот Енуз Кока .
Таа тогаш кажа дека Град Скопје како град на соживот и солидарност, не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и на креирање меѓуетнички тензии.
„Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите. И покрај одличното и професионално менаџирање со ‘Комунална Хигиена‘ од страна на Зуди Енуз Кока, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност“, кажа Арсовска по разрешувањето.
Братот на директорот Енуз, кој беше со пиштол во раката, е дел од групата која кај плоштадот Скендербег ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. Мицкоски и дел од сопартијцие од ВМРО-ДПМНЕ маршираше заедно со демонстрантите.
МВР веднаш го приведе пукачот во воздух, за кој Мицкоски протолкува дека тој бил метата.