Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) изминативе пет години платиле 212 милиони евра на фирми за ископ на јаглен и јаловина. Ова денес го кажа директорот на државната компанија ЕЛЕМ Драган Миновски, кој за споредба објави дека од 2000 до 2005 година биле исплатени 38 милиони евра за оваа намена, односно пет пати помалку.
Тендерите изминативе пет години го добивале пет компании, односно „Трансмет ДООЕЛ“, „Силекс неметали“, „Марковски компани“, „Пелистер“ и „Гранит“. Истите компании, покрај за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола и РЕК Осломеј, добивале и тендери и ангажирање надворешна механизација, самостојно или здружени како конзорцииуми.
„Од август 2012 до истиот месец 2017 година за ископ на јаглен и јаловина биле исплатени 161 милиони евра. За изнајмување на механизација за ископ пак се исплатени 51 милиони евра. Исплатите на фирмите за ископ и за ангажирање механизација, влијаат на регулирање на цената на струјата за околу 20 отсто или во просек по 8 евра за секој произведен мегават час“, рече директорот Миновски.
За да се намалат трошоците кои што ЕЛЕМ ги има за ангажирање надворешна механизација, од компанијата најавуваат дека ќе купуваат машини, со што ќе се зголемат заштедите.
„За набавката на механизацијата потребни ќе бидат 64 милиони евра. Во првата фаза планираме да издвоиме 24 милиони евра за оваа набавка, со што ќе се намалат трошоците. Во наредниот период ќе работиме домаќински и се надевам дека тоа ќе влијае на цената на струјата. Дали ќе има намалување наредната година или во 2019 тоа не можам да го кажам“, додаде директорот Миновски.
Од ЕЛЕМ кажаа дека уште не е склучен тендерот со фирмата „Трансмет“ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, на кој што понуди најниска цена од 44 денари за гигаџули. Миновски рече дека предметот е во Државната комисија за жалби по јавни набавки, која се уште одлучува по него.
А. АНТЕВСКА