Четиринаесет згради во кои се сместени 33 државни институции ќе добијат енергетски ефикасни фасади. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска објави дека програмата за обнова на зградите, за која се потребни 11 милиони евра, е усвоена на Влада и стартува реализацијата на овој тригодишен проект.
Како што соопшти Министерството, во првата фаза ќе се реновираат зградите чии фасади се во лоша состојба, а тоа се Министерството за здравство заедно со Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во втора група се објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација и тоа комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и зградата на поранешна ‘Нова Македонија’ каде се сместени Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за лекови и Секретаријатот за законодавство“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во третата, последна фаза, се осум објекти кои претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.
Предвидено е секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки, од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.
„Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари“, додаваат од Министерството.



