ЕУ БАРА ОД ИВАНОВ ДА БИДЕ МУДАР

    ЕУ БАРА ОД ИВАНОВ ДА БИДЕ МУДАР

    Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини апелираше на мудроста на претседателот Ѓорге Иванов за решавање на политичката криза во Македонија. Могерини, на прес-конференијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ во Брисел, ги повтори ставовите што ги изнесе за време на посетата на Скопје минатата недела и кажа дека Македонија има ресурси сама да се извлече од кризата.

    „Верувам дека Скопје се уште се соочува со политичка и институционална криза. Мојата најголема грижа е таа криза да не прерасне во меѓуетничка кризаи тоа беше главната порака што им ја пренесов на сите што имаат политичка одговорност – не си играјте со оган, не го претворајте ова во меѓуетничка пресметка, којашто ќе ја уништи земјата и веројатно ќе се прошири понатаму. Верувам дека има инструменти, пред се, мудроста на претседателот, потоа капацитетот на парламентот да продолжи со работа, на пример, со избор на спикер и со деблокада на ситуацијата. Оваа институционална криза може да се реши со инструмените што ги има Скопје на располагање, без мешање од страна. Ресурсите да се направи тоа постојат во Скопје и јас имав искрени, но и конструктивни средби со сите политички лидери во парламентот, како и со претседателот и се надевам дека мудроста ќе надвладее“, кажа Могерини во одговор на новинарско прашање.

    Таа не сакаше да открива детали од расправата на состанокот, но рече дека сите министри силно ги поддржуваат пораките што таа ги искажа во Скопје, кога таа побара од претседателот Иванов да ја преиспита одлуката да не му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој собра парламентарно мнозинство од 67 пратеници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира