ЕВН ДА ПРЕСТАНЕ ДА ИСПРАЌА АВАНСНИ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА ОД РАКАВ, КАМАТАТА ПРЕД ИЗВРШИТЕЛ ДА ЗАСТАНЕ КАЈ СУМАТА ЗА ГЛАВЕН ДОЛГ, БАРА ОМБУДСМАНОТ

    ЕВН ДА ПРЕСТАНЕ ДА ИСПРАЌА АВАНСНИ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА ОД РАКАВ, КАМАТАТА ПРЕД ИЗВРШИТЕЛ ДА ЗАСТАНЕ КАЈ СУМАТА ЗА ГЛАВЕН ДОЛГ, БАРА ОМБУДСМАНОТПретставките од граѓани против правосудството и потрошувачките права, ги спуштија затворите и социјалните права на шесто и на петто место (Фото:К.Попов)

    Каматата на долгот пред извршител да престане да тече кога ќе ја достаса висината на главнината на долгот, бара Народниот правобранител Насер Зибери. Многу граѓани се заглавени со утростручени долгови, кога каматите го надминале основниот долг и тие земаат кредити да ја платат таа камата.

    Најголемиот број од претставките минатата, и не само минатата туку со години наназад, се однесуваат на областа правосудство, од кои скоро една третина на работата на извршителите. Во овој сегмент, Народниот правобранител констатира помал број на сторени повреди во постапката на извршување, но ја користам оваа прилика да истакнам дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, во насока дека не може да се наплати камата која би била поголема од главниот долг, односно сметам дека кога каматата ќе го достигне главниот долг, таа да престане да тече. Имено, сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации во кои каматата која ја плаќа должникот понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има луѓе кои со години не можат да си го отплата долгот. Оттука не ја исклучувам можноста институцијата да иницира законски измени во овој правец“, најави Зибери.

    Но тој на денешната презентација на Годишниот извештај за работата на Омбудсманот истакна и една друга битна работа во врска со беспотребно предизвикување стресови кај граѓаните.

    „Голем број од поднесените претставки се однесуваа на областа права на потрошувачите, особено во делот на испораката на електрична енергија. Регулативата која се однесува на оваа сфера, исто така мора да претрпи измени, посебно во делот на обврската за отчитувањето на броилата. Сегашните прописи велат дека тие се отчитуваат еднаш годишно, што според Народниот правобранител ги создава најголемите проблеми за кои се обраќаат граѓаните – нереално високите фактури. Имено, чести се случаите граѓаните еден месец да платат високи сметки, кои следниот месец им се намалуваат, но овој принцип создава ситуација кога тие на некој начин авансно си ја плаќаат потрошената електрична енергија“, критикуваше Зибери.

    Во извештајната година до Народниот правобранител биле примени 2.686 претставки, а 389 предмети пренесени од претходната година. Вкупниот број на предмети/претставки по кои постапувал е 3.075.

    Најголемиот број претставки се за судството. Сега затворите паднаа на шесто, а социјалните права на петто место.

    „Најголемиот број на примените/заведените претставки, 436, се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството, што претставува 16,23% од претставките. Потоа следат претставките од областа на детските права 254 или 9,46%, на трето место се потрошувачките права 228 или 8,49%. Во областа работни односи беа поднесени 218 или 8,12%, во социјалната заштита 183, односно 6,81%, за казнено-поправните и воспитно-поправните установи 162 или 6,03%; за имотно-правната област 150 или 5,58%, за урбанизмот и градбата 136 или 5,06%, како и претставки од други области“, рече Зибери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира