Министерот за финансии Драган Тевдовски кажа дека Владата нема да издаде еврообврзница пред да се направи ребаланс на буџетот и додаде дека е можно воопшто да не издадат еврообврзница. Тој рече дека активно работат на подготовка на ребаланс на буџетот и дека со него ќе се скрати комодитетот на луѓето на власт, а ќе се добие прагматичен буџет. Ваков буџет, според Тевдовски, е потребен поради обврските што ги има државата кои се таложени со години, а истовремено да има можност и за реформи.
„Евроообврзиница нема да биде издадена пред ребалансот. Ги оценуваме можностите и можеби ќе оцениме и еврообврзница да не издадеме. Гледаме кои се можностите од аспект на доброто на граѓаните, односно да плаќаат пониски стапки. Во моментов цената на некоја еврообврзница би била поевтина отколку што се плаќаше во минатото. Ги разгледуваме можностите за задолжување на домашниот пазар, каде има сериозен вишок на ликвидност, но ги разгледуваме и можностите за надворешно задолжување “, рече Тевдовски на потпишување договори за грант од ИПА програмата за рурален развој.