ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА СТАНА БУГАРСКА АЛАТКА ЗА ПОТЧИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА, ОВА Е КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕУ ПОЛИТИКИТЕ, ВЕЛИ ПОЛСКА ЕКСПЕРТКА ЗА БАЛКАНОТ ЗА „ЊУЗВИК“

    ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА СТАНА БУГАРСКА АЛАТКА ЗА ПОТЧИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА, ОВА Е КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕУ ПОЛИТИКИТЕ, ВЕЛИ ПОЛСКА ЕКСПЕРТКА ЗА БАЛКАНОТ ЗА „ЊУЗВИК“Протести против францускиот предлог се одржуваат во Скопје веќе осми ден. (Фото: К. Попов)

    Бугарија ги користи сите алатки што ѝ стојат на располагање како членка на ЕУ да ги потчини Македонците и да ја напише одново историјата на Македонија како што ѝ одговара, а ЕУ гледа на тоа пасивно, вели полската експертка за Балканот, Марта Спала, во интервју за полското издание на „Њузвик“.

    „Бугарија тврди дека македонската нација не постои и дека Македонија треба официјално да го признае тоа за да се приклучи на ЕУ. Според бугарската интерпретација на историјата, Македонците се всушност Бугари кои биле доведени во заблуда од Тито, создавајќи македонски идентитет. Според Бугарија, Македонија како држава е комунистичка творба, а македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот јазик“, вели Спала, која е политичка аналитичарка во институтот Центар за источни студии од Варшава.

    Таа вели дека досега европската интеграција ги стабилизирала земјите, но во случајот на Македонија се случува спротивното, токму поради апсурдните барања на Бугарија.

    „Европската интеграција веќе не служи да се трансформира и да се стабилизира соседството на ЕУ, туку стана механизам за потчинување на помалите земји. Процесот на интеграција сега се користи да се исполнат апсурдни услови на земјите членки.
    Ова е многу опасен феномен и покажува капитулација на европските политики. Оваа криза трае со години. Нема доволно политичка волја да се сфати сериозно Западниот Балкан и да се комплетира проектот за проширување на ЕУ“, вели таа.

    Спала во интервјуто го споменува и Макрон:

    „И при презентирање на компромисниот предлог, францускиот претседател направи многу грешки кои што се последица на игнорантскиот пристап на суперсилите. На пример, тој зборуваше за „Северномакедонци“ и тоа многу ги иритираше луѓето и стана една од причините за протестите во Македонија“.

    Таа предупредува дека случајот со македонските евроинтеграции ќе стане опасен преседан за во иднина.

    „Случајот со Македонија е тажен затоа што сериозно го сфати проширувањето на ЕУ. Во име на европските интеграции Македонците го ја срушија автократската влада на Никола Груевски, го сменија името на државата, но тоа испадна дека не е доволно. Затоа и не е изненадувачки што кредибилитетот на ЕУ падна значително на Балканот, дури и во такви традиционално проевропски земји како Косово и Албанија, каде што евроинтеграциите беа поддржувани од 99 отсто од населението. Она што сега се случува во Македонија, потчинување на процесот на проширување на интересите на една земја, е опасен преседан за иднината. На пример, интеграцијата на Украина, која неодамна доби кандидатски статус. Има опасност дека кога конечно ќе почнат пристапните преговори, ќе има земји кои ќе ја блокираат, на пример Унгарија, бидејќи ќе се обидат да добијат нешто за своето малцинство или да ги принудат Украинците да избришат дел од својата историја и тоа ќе ја дестабилизира земјата. За жал, Хрватите го прават истото со Босна и Херцеговина. Сведоци сме на морален колапс на европската идеја“, вели Спала.

    Во интервјуто, таа потсетува дека Бугарија нема расчистено со својата историјата од 20. век, посебно за време на Втората светска војна.

    „Проблем во соседските односи е што Бугарите како нација никогаш не се справија со темните страници од нивната историја. Комунистичките архиви не се отворени. Никој не се занимава со улогата што ја одигра Бугарија на Балканот во 20. век, посебно за време на Втората светска војна. Бугарите паметат само дека на крајот на војната ја сменија страната и застанаа на страната на сојузниците“, вели полската експертка.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира