Македонија треба да врати 2,2 милиони евра добиени од Европската комисија преку програмата Еразмус+, откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) утврдила злоупотреби во периодот 2016-2018 година.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски денеска на прес-конференција кажа дека на 30 ноември 2023 година неговата агенција добила известување од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија со барање за поврат на средствата, а месецов примиле известување и за конечност на одлуката.
Тој додаде дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и се наоѓа во предистражната постапка.
Според директорот, станува збор за средства доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, а од Европската комисија биле известени дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+.