ФАБРИКИТЕ ДА ГО НАМАЛАТ ПРОИЗВОДСТВОТО КОГА Е ЗАГАДЕНО, ПРЕПОРАЧУВААТ ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИ

    ФАБРИКИТЕ ДА ГО НАМАЛАТ ПРОИЗВОДСТВОТО КОГА Е ЗАГАДЕНО, ПРЕПОРАЧУВААТ ЕКОЛОШКИТЕ ИНСПЕКТОРИДржавниот инспекторат за животна средина прави вонредни контроли во големите индустриски капацитети. - Поглед на Скопје од Водно, оџакот на цементарница Усје (Фото: Ѓ.Личовски)

    Вонредните контроли на Инспекторатот за животна средина во поголемите фабрики во Скопје, кои подлежат на А интегрирана дозвола, кои се спроведуваат деновиве треба да покажат дали тие работат согласно поставените стандарди за емисија на загадувачки материи во воздухот согласно дозволата за работа.

    Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина, вели дека деновиве прават вонредни контроли и дека ако се утврди дека поголемите индустриски капацитети емитуваат загадувачки материи надвор од дозволените граници ќе им изречат забрана за работа и ќе ги казнат.

    „Доколку пак контролите покажат дека работат во рамки на дозволените граници во координација со Министерството за животна средина ќе им укажеме да го намалат производството за 50 отсто во услови кога воздухот е екстремно загаден. Апелирам до граѓаните слободно да пријават палење на несоодветни и отровни материјали на бројот 193, и нашите инспектори веднаш ќе реагираат. Деновиве треба да излезат и податоците од контролите по пријава од граѓани дека во погон во Карпош се горат акумулатори“, вели Богдановски.

    Тој додава дека работата на Инспекторатот е отежната со тоа што на територијата на Скопје во моментов работат само двајца инспектори, бидејќи третиот е на боледување.

    „Со последната одлука од Владата буџетот на Инспекторатот за следната година е зголемен за 10 милиони денари и со овие средства ќе имаме доволно за да може да вработиме нови инспектори. Потребни ни се најмалку 12 нови инспектори за да може соодветно да го покриеме и Скопје, но и целата земја. Во меѓувреме се координираме со општинските еколошки инспектори и интервенираме на секоја пријава“, вели Богдановски.

    Мерните станици за квалитет на воздухот во Скопје на Министерството за животна средина и денес покажуваат загадување повеќекратно поголемо од максимално дозволените 50 микрограми на кубен метар ПМ10 честички во воздухот. Петте мерни станици покажуваат концентрација на ПМ10 честички во воздухот од 250 до 350 микрограми на кубен метар.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира