Откако обвинетиот висок функционер во ДУИ и пратеник Ејуп Алими ја обвини обвинителката Фатиме Фетаи дека го злоупотребила повикувајќи го како сведок во СЈО, за потоа да го обвини за уништување изборен материјал (за која пишува најмалку 5 години затвор), таа стана и му прочита што кажал кај неа на распит и на што се потпишал доброволно, на судењето за „Титаник 3“.
„Записник за сослушување на осомничен во СЈО на 16.11.2016 година, 14 часот. На тогаш осомничениот Ејуп Алими укажано му е за што е осомничен, за уништување изборен материјал. Поучен е дека има право на бранител, дека може да изврши увид во предметот, но осомничениот одби да ги користи тие права. Го одбивам кривичното дело во целост, делото не сум го сторил. Мојата жена беше претседател на избирачки одбор во општина Чаир. Ја чекав во ходникот 20-ина минути. Не влегов во просторијата за статистика…“, му читаше Фетаи на Алими.
Во 15.25 часот истиот ден, сослушувањето завршило.
Клучниот сведок Ресмие Бислимова треба да се донесе од Германија или да биде распитана со видео-конференциска врска на следното рочиште, на 4 декември.
По нејзиното сослушување, следуваат завршни зборови за овој предмет, кој и покрај тоа што доби нова судијка, Марија Клетничка, зашто претходната се иззема од ова судење, сепак се сведува кон крајот.
С. К. ДЕЛЕВСКА