На повторениот судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи пред да им одржи предавање на судиите и на адвокатите дека дури не се заврши распитот на старите сведоци, нови не смее да се повикуваат и да сведочат, предложи дека треба да се сослушуваат повеќе сведоци на едно судско рочиште. Таа рече за да се убрза постапката за „Монструм“, може и по 15-Тина сведоци дневно да се сослушуваат во судница, место само по неколку.
На почетокот на 2018 година, судијата Огнен Ставрев им вети на вознемирените и расплакани родители на убиените 4 деца и рибарот: „Јас можам да ви ветам дека ќе дадам се од себе овој судски процес, со кој треба да дојдеме до вистината што се случи на 12 април 2012 година и кои се виновниците, да се заврши до Нова Година“.
Фетаи реагираше дека одбраната донела група нови сведоци, без да се чуе гласот на Обвинителството што мисли за тие сведоци, без да му биде дадена можност да праша на кои околности ќе сведочат, нешто кое Законот за кривична постапка прецизно го бара. Во повиканата група таа препозна двајца кои сведочеле и во првата постапка, пред Врховниот суд „Монструм“ да го врати на повторно судење, па тие беа сослушани.
Таа пролетна квечерина кај Смиљковското езеро беа убиени со автоматска пушка и пиштол 20-годишните момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски, а потоа и рибарот Борче Стефановски.
Во првичната пресуда што ја поништи петчлениот совет на Врховниот суд, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, брат му Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Сами Љута. Првите двајца се во бегство, а останатите се на слобода и тие се редовни на сите судски рочишта.
С. К. ДЕЛЕВСКА