Поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ Филип Петровски на вечерашниот протест пред Собранието ги повика премиерот Зоран Заев, пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки пред утрешната собраниска седница за разгледување на Договорот за решавање на спорот за името со Грција. Присутните илјада граѓани тој ги повика да го блокираат Собранието.
Петровски рече и дека револуција се прави со протести секој ден, а не преку ноќ. Поранешната пратеничка Солза Грчева на говорница кажа дека не ја плаши ни солзавец, ни полициска интервенција.
Вечерва немаше националистички извици против Албанците, но кон полицијата беа упатувани навреди. Присутни се припадници на навивачката група „Комити“, кои се главно маскирани. Протестот помина мирно, но по целосното разидување на граѓаните, група од десетина луѓе се нафрли на полицијата пред Собранието, од страната на Триумфалната капија. Еден од групата вербално ги нападнал униформираните полицајци, по што со полициско комбе беше однесен во полиција.
С. К. ДЕЛЕВСКА