Финансиската полиција денеска поднесе кривична пријава против четири лица, вклучувајќи ја и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, кои се осомничени дека причиниле штета во вкупен износ од 25.334.543,00 денари. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти Финансиската полиција.
Кривичната пријава е поднесена и против сопственикот на Друштвото за трговија и услуги В.Е.З. Трејд, Зоран Златковски, грантист на НАЕОПМ, А.Г., надворешен советник и А.П., благајник во Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.
Четворицата се осомничени за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама на штета на средства на европската заедница, Соизвршителство и Несовесно работење во службата.
Владата на 20 октомври му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова, поради, како што кажаа од Владата, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.