ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ЗА НОВА ГОДИНА СЕ ПОДНОВИ СО КОЛА ОД 38 ИЛЈАДИ ЕВРА, ДИРЕКТОРОТ МУАРЕМИ КУПИ „СОФИСТИЦИРАНО НИВО ОД БИЗНИС КЛАСАТА“

    ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА ЗА НОВА ГОДИНА СЕ ПОДНОВИ СО КОЛА ОД 38 ИЛЈАДИ ЕВРА, ДИРЕКТОРОТ МУАРЕМИ КУПИ „СОФИСТИЦИРАНО НИВО ОД БИЗНИС КЛАСАТА“Возилото што го купил директорот Муареми за институцијата е „Опел инсигнија гранд спорт бизнис елеганс“ 2.0 дизел. (Фото: УФП)

    Управата за финансиска полиција пред Нова Година купила автомобил од 38 илјади евра. Директорот Арафат Муареми договорот го потпишал со добавувачот на 21 декември, а до Бирото за јавни набавки е доставен на 4 јануари.

    Според објавениот договор, цената на возилото без пресметан ДДВ е 32 илјади евра, а со данокот, чини 38 илјади евра. На огласот за јавната набавка имало само една понуда.

    Возилото што го купил директорот за институцијата е „Опел инсигнија гранд спорт бизнис елеганс“ 2.0 дизел. Според промотивните материјали на производителот, станува збор за „софистицирано ниво од бизнис класата“, а според спецификацијата со која победил добавувачот, лимузината е со автоматски менувач со 6 брзини.

    Има автоматски двозонскa клима, систем за активно држење на возилото во лента, систем за избегнување на судир со возило напред, со асистенција на сопирање, систем за автоматско одржување на растојание до возилото напред, паркинг сензори предни и задни, камера за паркирање назад, 6 воздушни перничиња, алуминиумски тркала со дијаметар минимум 17 инчи, навигација, патен компјутер…

    Лани во Обвинителството за организиран криминал и корупција за цела година стигнале само 9 пријави од Финансиската полиција. Статистиката во ова обвинителство вели дека од поднесените 9 пријави од Финансова, само 5 ја погодиле адресата. Пријавите биле поднесени против обични граѓани, ниту една не е против носител на јавна функција или бизнисмен, банкар.

     

    Управата за финансиска полиција е главниот орган на откривање на корупција и таа треба да ги храни обвинителствата кои потоа отвораат истраги, поднесуваат обвиненија пред судовите. Нема откриена корупција – нема истрага. Нема обвиненија – нема судења за корупција, а со тоа ни осудени носители на јавни функции.

    Од деветте пријави за финансиски криминал, на Обвинителството за организиран криминал на маса му останале само 5, зашто 4 вратило во ОЈО Скопје, поради ненадлежност.

    Од вкупно петте пријави до ОЈО за организиран криминал, ниту една не е за висок функционер од власта, одговори Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ова е учинокот на еден од најважните органи на откривање на корупција од висок профил.

    Ако нема кривични пријави од Финансиската полиција и од Одделот за организиран криминал во МВР, нема уште долго време да има истраги, па ни обвиненија против високи функционери, директори, градоначалници…

    Во Обвинителството за организиран криминал ни одговорија дека обемот на работа за гонење на финансиски криминал и корупција најмногу им доаѓа од пријави што ги поднесува секторот за економски криминал од МВР и од истраги што ги отвора Обвинителството, по допрен глас. Иако, велат оттаму, ни МВР не е на посакуваното ниво. Најслаба е статистиката од Управата за финансиска полиција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира