НЕ СУМ ЗАДОВОЛНА ОД ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА, И ТОА МАЛКУ ШТО ГО ПРАЌААТ ДО НАС НЕ Е НИТУ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ, НИТУ ПРОТИВ ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ, ВЕЛИ ВИЛМА РУСКОВСКА

    НЕ СУМ ЗАДОВОЛНА ОД ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА, И ТОА МАЛКУ ШТО ГО ПРАЌААТ ДО НАС НЕ Е НИТУ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ, НИТУ ПРОТИВ ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ, ВЕЛИ ВИЛМА РУСКОВСКАМоето обвинителство покажа капацитет, ние ја обвинивме Фросина Ташевска-Ременски, од актуелната власт, вели шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска. (Фото: К. Попов)

    Недозволиво е од Финансиска полиција минатата година да дојдат само 9 пријави за перење пари и ниту една од нив да не е сомнеж за организиран криминал и корупција или против високи функционери, вели обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    За веќе поведените истраги од висок јавен интерес, пак, кажува дека таа за „Скопје 2014“ конечно ќе биде реферирана денеска во Републичкото обвинителство.

    Досега има обвинето пратеници и судии и вели дека ако не фати во криминал и обвини функционери од извршната власт, себеси ќе се смета за не толку успешен обвинител за организиран криминал и корупција.

    • Обвинителкe Русковска, со новиот Закон за јавно обвинителство за првпат имате ексклузивно право исто како поранешната специјална обвинителка, да си побарате пари за Обвинителството за организиран криминал и корупција, вие колку што сметате. На колку го проектиравте буџетот на 2021 година?

    Сè уште е рано за проекции на буџетот за 2021 година, но минатата година, со оглед на тоа што новиот Закон за Јавно обвинителство на Република Северна Македонија требаше да стапи на сила од први јули 2020 година, проекцијата беше направена на 1.500.000 евра.

    • Дали е тоа доволно за ефикасна борба против криминал и корупција? Со приближно ист број обвинители како поранешното СЈО, вие барате двојно помалку?

    Според проекциите што ги направивме заедно со сметководителката која воедно е и благајничка во ова Обвинителство, сметаме дека овие пари ќе бидат доволни.Со тоа што и во законот постои можност во случај да се укаже потреба за повеќе пари, имаме право да побараме дополнително од Министерството за финансии поголем износ.

    • Каде може да видиме како изгледаат актуелните обвинители за организиран криминал освен вас два-тројца што ве гледаме на судења? Што работат тие?

    Сите доаѓаат во судница, само веројатно немале предмети за кои е заинтересирана пошироката јавност.

    • Па предметите за кои што е заинтересирана пошироката јавност се за корупција. Значи дека другите обвинители не работат и не застапуваат обвиненија за корупција, туку само за мигранти и дрога?

    Не, работат и друго. Работат и предмети за корупција, веројатно не им се завршени, во фаза на истрага се. Сметајте и дека тројца обвинители од 10 се во Одделението за гонење лица со полициски овластувања.

    • Распишан е оглас за 5 обвинители за организиран криминал. Со финансиската независност што ви е дадена и со самостојноста во работењето, дали сме дојдени до степен кога конечно можете да затропате на вратата на министер, премиер, вицепремиер, кај носечките функционери во извршната власт?

    Ова обвинителство покажа капацитет, ние ја обвинивме Фросина Ташевска-Ременски, од актуелната власт.

    • Но, таа е од законодавната, не е од извршната власт.

    Од некаде мора да се почне. Покажавме дека можеме да гониме актуелни функционери. Апсолутно сметам дека ако до крајот на мојот мандат не го направам тоа, сепак ќе бидам не толку успешен шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

    • Нови истраги или предистраги за актуелни функционери отворивте? Дали воопшто имате дојави од Управата за финансиско разузнавање, од Финансиската полиција, УЈП, други органи?

    Работиме случаи во предистрага, само не можам да ви кажам против кого, ниту со кого.

    Имаме истражители, ама сè уште не сме доекипирани. Фалат истражители од областа на финансискиот и економскиот криминал, вели Русковска. (Фото: К. Попов)

    • Како можете да помогнете за прочистување на судството, за откривање на семејни и роднински врски меѓу судии и адвокати, судии со вештаци и осигурителни компании, судии и обвинители со бизнисмени и со високи државни функционери, со партии…?

    Видете, во Законот за кривична постапка постои одредба за изземање. Ако судија или обвинител е во роднински или семејни врски со одреден судија или адвокат, вештак, треба, односно мора да бара изземање. Но, ако не бара, обвинителството без истражители многу тешко тоа би можело да го докаже.

    • Но, и во еден од извештаите на Стејт Департментот беше истакнато тоа како сериозен проблем во нашето судство, а ги имаше и по име некои од тие судии.

    Неспорно е дека има судии и обвинители во блиски роднински врски со адвокати и со бизнис врски, но тоа не значи дека се сите корумпирани и не си ја вршат чесно работата, односно дека не бараат изземање од постапки.

    • Рековте без истражители. Нели има истражители и истражни центри во обвинителствата?

    Еве кај мене има истражители, ама сè уште не сме доекипирани. Фалат истражители од областа на финансискиот и економскиот криминал.

    • Но, таа одредба во законот е уште од 2013 година.

    Јас тогаш не бев шеф, бев обвинител овде. Но, лично мислам дека во тој период немаше така да кажам слух од страна на полицијата тоа да се направи затоа што ќе немаа контрола врз работите, односно врз предметите кои обвинителството за организиран криминал ги работи со истражителите.

    • Значи уште сме на тоа ниво, бидејќи не се доекипирани истражните центри во обвинителствата?

    Не сме, јас реков дека имаме истражители, ама не сме доекипирани. Со тие истражители ги сработивме „27 април“, „Рекет“, „Меѓународен сојуз“. Фалат истражители за финансиски и од економски криминал.

    • Кога сме кај финансискиот криминал, да ве прашам, како сте задоволна од двете ваши главни алатки за успешност во работата, МВР и Финансиската полиција? Во 2019 година Одделот за организиран криминал во МВР според статистиката поднел до вас 66 кривични пријави против 220 сторители , од кои 65 биле притворени. Колку има поднесено Финансовата полиција?

    Точниот број на кривични пријави не го знам, само знам дека добар дел и од тоа што го поднесоа до нас, го испративме на надлежно постапување на ОЈО Скопје.

    • Значи ништо не било од тоа организиран криминал и корупција?

    Јас лично не сум задоволна од соработката со Финансиска полиција. Тоа го нагласив и кога го бранев Годишниот извештај за 2019 година пред Советот на јавни обвинители дека за цела 2019 година имаме само 9 предмети за перење пари , што е недозволиво во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Патем, сите предмети се во соработка со МВР-Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

    • Обвинителке Русковска, многу време помина, што се случи со „Империја“, „Актор“, „Скопје 2014“, „Поткуп за кинеските автопати“, со останатите (пред)истраги на поранешното СЈО?

    Предметот „Империја“ беше пратен на вештачење, не сакам да кажам каде, сè уште е рано. Добивме писмо со кое одбија да го вештачат, па со мое посредство, прифатија. Малку и ја допрецизиравме наредбата за вештачење, денеска ќе ја пратиме повторно и ќе се почне со вештачењето. Што се однесува до истрагата за „Скопје 2014“, договорени сме со колегата денеска да биде рефериран во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а за останатите предмети не дошле да се реферираат ни пред мене, ни во Републичкото обвинителство. Таков е договорот за овие специфични предмети за кои постои широк јавен интерес. Првин пред мене и евентуално пред колегиумот, па потоа во Републичкото.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира